Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 30 мај 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 84 став 6, член 85 став 2 и член 93 од Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000, 112/2000 и 34/2001).
2. Владимир Вешоски од Струга на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите од Законот за државните службеници означени во точката 1 од ова решение затоа што со нив се овозможувало вработените и државните службеници во органите на управата именувани пред влегувањето во сила на овој закон да бидат распоредени во определено звање без да го полагаат испитот ако на денот на влегувањето во сила на овој закон имаат работен стаж од над 5 години, или да го задржат распоредувањето на работното место ако имаат до пет години до остварување на старосна пензија, иако не ги исполнуваат условите за тоа работно место, со што државните службеници меѓусебно се доведувале во нееднаква положба, што не било во согласност со начелото на еднаквост пред Уставот и законот.
3. На седницата Судот утврди дека во член 84 став 6 од Законот е предвидено дека лицата вработени во органите на државната управа и стручните служби во органите од член 3 на овој закон кои на денот на влегувањето во сила на овој закон имаат над 5 години работен стаж, се распоредуваат на работни места согласно со актите за систематизација на работните места во звање кое е соодветно на стекнатото звање без да го полагаат испитот од став 1 на овој член. Инаку, според став 1 на овој член, обврската за полагање на испитот важи за сите останати затекнати работници, која треба да ја исполнат во рок од 3 години.
Во член 85 став 1 од Законот е предивдено дека раководните работници именувани според Законот за органите на управата продолжуваат да ја вршат функцијата на раководини работници и да ја примаат платата која ја примале до завршувањето на мандатот. Во оспорениот став 2 на овој член, пак, е предвидено дека раководните работници од став 1 кои на денот на влегување во сила на овој закон имаат над пет години работен стаж во органите од член 3 на овој закон, по истекот на мандатот за кој се именувани се распоредуваат на работно место во звање кое е соодветно на стекнатото звање.
Според член 93 од Законот, државен службеник кој на денот на влегување во сила на овој закон е распореден на работно место за кое не ги исполнува пропишаните услови по однос на степенот на образованието, бидејќи има понизок степен на образование од пропишаниот во актот за систематизација на работните места, го здржува распоредувањето на работното место за кое е пропишано повисок степен на образование и плата, ако на денот на влегувањето во сила на овој закон има уште пет години до остварувањето на правото на старосна пензија според прописите за пензиско и инвалидско осигурување.
4. Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место.
Согласно член 9 став 2 од Уставот граѓаните пред Уставот и законот се еднакви.
Оспорените одредби уредуваат преоден режим на законот и тие на вообичаен начин се обидуваат да ги пропишат критериумите според кои може или не може да се признае еден нужен степен на континуитет во вршењето на функциите и работите на државните службеници. Во таа смисла должината на работното искуство, како несомнен квалитет во вршењето на определени работи, е утврден како релевантен критериум за тоа дали државниот службеник може непосредно да продолжи со вршењето на својата работа под новиот режим или е потребно да ги потврди своите знаења и способности преку преоден стручен испит. Оттука различната положба на државните службеници во поглед на нивниот третман во преодниот режим на законот заснована на еден објективизиран критериум како што е работниот стаж, не може да се смета како извор на нееднаквост помеѓу државните службеници, туку како објективен критериум за реализација на преодниот режим кој важи еднакво за сите службеници.
Исто така, Судот смета дека повластената положба на лицата од член 93 од Законот, токму заради преодниот карактер на таа одредба, не претставува извор на трајна нееднаквост, туку облик на заштита на определени работници пред исполнувањето на условите за пензија, со што објективно законскиот режим на вршењето на работите на управата не може да биде загрозен, а сепак изразува определен степен на солидарност на оние лица кои не би можеле на ниеден начин, во даденото време, да ги исполнат изменетите услови за продолжување со вршењето на нивната долгогодишна работа.
Врз основа на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 84 став 6, 85 став 2 и 93 од Законот со означените одредби од Уставот и одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.35/2001
30 мај 2001 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов