212/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 мај 2001 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 48 став 1 точка 1 од Законот завнатрешни работи (“Службен весник на РМ” бр. 19/95 и 55/97).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со решение У.бр.212/2000 од 28 февруари 2001 година поведе постапка за оценување уставноста на член 48 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. На седницата Судот утврди дека според оспорениот член 48 став 1 точка 1 од Законот, работен однос во Министерството може да заснова лице кое покрај општите услови исполнува и одредени посебни услови, меѓу кои и да не е осудувано за кривично дело против уставното уредување и безбедноста на Република Македонија, против стопанството, слободите и правата на човекот и граѓанинот, вооружените сили на Република Македонија, службената должност, тешки дела против животот и телото, имотот или кривично дело извршено од користољубие или нечесни побуди.

5. Според член 9 став 2 од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 13 став 1 од Уставот на Република Македонија лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.
Според член 14 став 1, пак, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, а посебно одредбите 13 и 14 од Уставот на Република Македонија произлегува дека со нив се утврдени два принципа на казнено правниот однос, а тоа се, прво, дека за извршеното казниво дело на сторителот може да му се изрече казна или санкција што е утврдена со закон или со друг пропис и второ, дека казната односно санкцијата може да се изрече само со судска одлука.
Според тоа казнено-правниот однос се исцрпува во релацијата казниво дело и судски изречена казна односно санкција и натамошни последици од осудата за тоа дело не се допуштени.
Со оглед на изнесеното, Судот смета дека во конкретниот случај со оспорената одредба на член 48 став 1 точка 1 од Законот се врши ограничување на правото на граѓаните по сила на Законот како последица од осуда за кривично дело, а не како содржина на определена санкција што ја изрекол суд, поради што оцени дека тоа не е во согласност со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од судијата Олга Лазова во својство на заменик на претседателот на Судот и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.212/2000
23 мај 2001 година
С к о п ј е

Заменик претседател на Уставниот суд
на Република Македонија
Олга Лазова