Вовед
Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 мај 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на Одлуката за определување на висината на надоместокот за патни и дневни трошоци на членовите на Советот и на членовите на работните тела за присуство на седница на општина Василево, донесена од Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања на седницата одржана на 25. 01.2000 година.
2. Методи Митев – градоначалник на општина Василево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение затоа што таа била во спротивност со Законот за локалната самоуправа, според кој се определува статусот на секретарот и градоначалникот на единицата на локалната самоуправа.
Понатаму во иницијативата се наведува дека секретарот прима плата која се определува согласно важечките прописи, така што незаконито е секретарот кој прима плата и е помошен орган на Советот да прима и дневници за својота работа на седницата, а што спаѓа во редовните работни задачи. Исто така не е во согласност со Законот за локална самоуправа градоначалникот кој е избран за функционер и кој може својата функција да ја врши професионално да прима надоместок за дневни трошоци за присуство на седница на Советот. Исто така Одлуката не е во согласност со член 37 од Законот за локална самоуправа затоа што за претседавачот на Советот е утврден износ од 3.000,00 денари за присуство на секоја седница, а за Советот е утврден износ од 2.000,00 денари.
3. Судот на седницата утврди дека на 25 Јануари 2000 година Комисијата за мандатни прашања, избор и именување ја донела оспорената Одлука со која се определува надоместокот на патни и дневни трошоци на членовите на Советот на општина Василево, градоначалникот и на секретарот на Советот, на претседателството и членовите на работните тела на Советот кога присуствуваат на седница и при извршување на задачи утврдени од Советот и градоначалникот на општината.
Во член 2 од одлуката е утврден надоместокот на дневни трошоци за градоначалникот и секретарот на Советот во висина од 2.000,00 денари за присуство на секоја седница.
На претседавачот на Советот надомест е утврден во висина од 3.000,00 денари за присуство на седници и за извршување на обврските предвидени во член 42 од Законот за локална самоуправа. На претседателите на работните тела им се исплатило надомест во висина од 1.200,00 денари, а на членовите на работното тело во износ од 1.000,00 денари.
Во член 3 од Одлуката е предвидено дека на членовите на Советот, како и на претседателите и членовите на работните тела им се исплаќа надомест на патни трошоци доколку нивното место на живеење е оддалечено најмалку 2,5 километри од седиштето на општината и тоа според цените утврдени во локалниот патен сообраќај.
Судот исто така утврди дека на 31 Јануари 2001 година со донесувањето на Одлуката за определување на висината на надоместокот на членовите на Советот и на претседателите и членовите на работните тела за присуство на седниците, оспорената одлука престанала да важи.
4. Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни преки за одлучување по иницијативата.
5. Со оглед на тоа што оспорената одлука престанала да важи Судот оцени дека нема процесни претпоставки за водење постапка и оценување законитоста на оспорената одлука, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.45/2001
23 мај 2001 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов