68/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 16 мај 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 39 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 39 во делот:”или акт на органот на државната управа од соодветната област” од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што оспорениот дел од одредбата не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 32 став 5 и членовите 51 и 96 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 39 од Законот за работните односи, распоредот, почетокот и завршетокот на работното време во областите на сообраќајот и врските, прометот на стоки на мало, здравството, социјалната и детската заштита, предучилишното воспитување, образованието и другите нестопански јавни служби, комуналните дејности, угостителството, туризмот, занаетчиството и во други области се утврдува со закон или акт на органот на државната управа од соодветната област.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 32 став 5 од Уставот се утврдува дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот. Секој е должен да го почитува Уставот и законите.

Согласно член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Со Законот за работните односи целосно се уредени прашањата во однос на работното време како еден од елементите на работниот однос. Така, со членовите 30 до 39 од Законот е утврдена содржината на полното и на скратеното работно време, се уредени исклучоците кога работното време може да трае подолго од полното работно време, се утврдени елементите за прераспределба на работното време и слично. Во таа смисла, распоредот на работното време во рамките на вкупното годишно работно време, законодавецот го препуштил на работодавецот да го утврдува со своја одлука. Исто така, законодавецот определил дека распоредот, почетокот и завршетокот на работното време во јавните служби и одделни други специфични области да се утврдува со закон или друг акт на органот на државната управа од соодветната област, што во конкретниот случај е предмет на оспорување.

Тргнувајќи од анализа на наведените уставни и законски одредби, а имајќи предвид дека работното време како еден од елементите на работниот однос е комплетно уредено со Законот за работните односи, дека конкретниот распоред на работното време, односно неговиот почеток и завршеток во одделна област на трудот е, пред со, прашање на процесот на работата, а не утврдување на право или обврска од која зависи положбата на вработените, дека обезбедувањето на технолошкиот процес на работата е обврска на работодавецот и дека тоа прашање не е исклучено да се уредува со закон. Според мислењето на Судот, делот од оспорената одредба не излегува надвор од рамките на со закон утврденото работно време и е во согласност со надлежностите на органите на државната управа утврдени со закон.

Според тоа, Судот оцени дека со допуштањето на можноста, покрај со закон, распоредот, почетокот и завршетокот на работното време во јавните служби и одделни други области да го утврдува органот на државната управа од соодветната област, не се повредуваат одредбите на Уставот наведени од подносителот на иницијативата, поради што не го постави прашањето за согласност на член 39 во делот: “или акт на органот на државната управа од соодветната област” од Законот за работните односи со напред наведените одредби од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од судијата Олга Лазова, го заменува претседателот на Судот и судиите д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У. бр. 68/2001
16 мај 2001 година
Скопје
сгј

ГО ЗАМЕНУВА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ
на Уставниот суд на Република
Македонија
судија: Олга Лазова