71/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 мај 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Заклучокот бр.23 – 254/ 1 на Владата на Република Македонија од 30.03.1992 година; Мислењето на Министерството за финансии со кое се предлага финансирањето на Републичкиот одбор, општинските одбори на месните заедници и месните заедници во наредниот период да се реши со Законот за учество на Републиката во финансирањето на политичките партии, општествените организации и здруженија на граѓаните и со Законот за локалната самоуправа и Укажувањето бр.11-279/2 од 14.02.1994 година на Министерството за правосудство и управа.

2. Атанас Чочков адвокат од Гевгелија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите наведени во точката 1 од ова решение.

Според иницијаторот оспорените акти биле општи акти и како такви требало да бидат објавени во “Службен весник на Република Македонија” согласно член 52 од Уставот. Оспорените акти се користеле како основ за донесување пресуди од страна на основните судови со кои се создавала обврска за општините за исплата на плати на вработените во месните заедници од буџетите на општините. Понатаму се наведува дека оспорените акти не биле во согласност со Законот за системот на финансирање на општите општествени и заеднички потреби како и со Законот за локалната самоуправа.

3. Судот на седницата утврди дека сите три оспорени дописи се всушност одговори на писмени барања од Републичкиот одбор на месните заедници и на стручната служба на Месната заедница “Нов дом”- Гевгелија за начинот на финансирањето на општинските одбори на месните заедници и на месните заедници. При тоа во сите оспорени дописи се наведува дека до донесување на соодветните закони, финансирањето на Републичкиот одбор, општинските одбори на месните заедници како и на месните заедници би требало да се врши од истите извори на финансирање од кои се финансирале до 30 јуни 1991 година односно од буџетите на општините.

4. Според член 110 став 1 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективни договори со Уставот и со законите.

Од содржината на оспорените дописи видливо е дека тие не уредуваат никакви односи туку дека во услови кога сеуште не е донесен Законот за локалната самоуправа упатуваат на начинот на финансирањето на Републичкиот одбор, општинските одбори на месните заедници и месните заедници до донесувањето на овој закон. Оттука нивното упатувачко дејство престанало со донесувањето на Законот за локалната самоуправа во кој постои глава ЏИИ која се однесува на месната самоуправа.

Според членот 81 од овој закон, во месните заедници и во другите облици на месна самоуправа граѓаните одлучуваат за работи од непосредно и секојдневно значење за нивниот живот и работа, а според член 82, работите од членот 81 на овој закон се финансираат од средства коишто единицата на локалната самоуправа ќе им ги отстапи на месните заедници и другите облици на месна самоуправа согласно со плановите и програмите на нивниот развој; средства што граѓаните непосредно ги здружуваат; средства што ќе ги издвојат заинтересираните правни и физички лица; средства од надоместок за услуги; и подароци и други средства.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека оспорените дописи не се акти кои согласно член 110 од Уставот подлежат на уставно судско оценување поради што иницијативата треба да се отфрли.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.71/2001
9 мај 2001 год.
Скопје
л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов