8/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 март 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за за оценување уставноста и законитоста на Правилникот за организација и систематизација на работните места во Јавната научна институција “Институт за сточарство”, донесен од Советот на Институтот на 21.12.2000 година.

2. Симо Георгиев, од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со утврдувањето на работните места: стручен соработник, виш стручен соработник и стручен советник кои што не биле предвидени во Законот за научно-истражувачка дејност се создавала нееднаквост на вработените во Инситутот, како граѓани, поради што оспорениот правилник не бил во согласност со членовите 9, 32 став 5, 36 став 2 и 51 став 1 од Уставот и се бара негово поништување.

3. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согланоста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето во неа.

Имајќи ја предвид содржината на оспорениот правилник, Судот утврди дека истиот не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, но е интерен акт со кој се уредува внатрешната организација и систематизација на работните места на Институтот за сточарство, а е во функција на извршување на работите од надлежноста на Инситутот, за кој тој е и основан, како и за остварување на правата, обврските и одговорностите на вработените во Инситутот утврдени со закон и колективен договор.

4. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков. д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.8/2001
28 март 2001 год.
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов