Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 во врска со член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 март 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за трансформација на претпријатието АД “Младина” од Скопје, донесена од Комисијата на Владата на Република Македонија за трансформација на претпријатијата со општествен капитал на 1.11.1995 година (објавена во Службен весник на Република Македонија бр.55/95).
2. Вангелица Петрушевска и Александар Шапкаров од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се се прене сувал остатокот од општествениот капитал на АД “Младина” на Агенцијата за приватизација, со што на вработените им се ускратувало уставното право на сопственост, правото на откуп на капиталот на 8 апартмани во Еуротел, правото на управување, а се наведува дека во процесот на приватизацијата имало многу незаконитости.
3. На седницата Судот утврди дека оспорената одлука нема карактер на пропис со кој на општ начин би се уредувале определени односи, туку карактер на акт со кој се спроведува трансформација на општествен капитал во еден конкретен случај.
Според член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува за уставноста на законите и уставноста и законитоста на другите прописи и колективните договори.
Со оглед на тоа што оспорената одлука нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот, Судот утврди дека не е надлежен да одлучува за нејзината уставност и законитост.
5. Врз основа на изнесеното, а согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков. д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.42/2001
27 март 2001 год.
С к о п ј е
сд/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов