Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 март 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на на член 4 – 4 Група од Правилникот за плата, надоместоци од плата и други надоместоци на ОУ “Крсте Петков Мисирков” – Радовиш бр.0202-431 од 27 декември 2000 година.
2. Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – Основна организација при ОУ “Крсте Петков Мисирков” – Радовиш на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одредбите од актот означени во точката 1 на ова решение. Според наводите во иницијативата означената одредба од Правилникот не била во согласност со член 30 – ВИИ група од Колективниот договор за основно образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.65/95), затоа што сложеноста на работните задачи на наставно-воспитниот кадар изразена во коефициенти не соодветстувала на критериумите во Колективниот договор. Поради тоа оспорената одрдба од Правилникот не била во согласност и со член 69, член 84 став 2 и член 86 став 2 од Законот за работните односи.
3. Судот на седницата утврди дека со иницијативата се бара поведување постапка за оценување законитоста на одредбите од Правилникот на ОУ “Крсте Петков Мисирков” – Радовиш, со кои се уредени односите за плати на вработените во ова училиште.
4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Содржината на иницијативата недвосмислено укажува дека се бара оценување на законитоста на Правилник за плати поради неговата неусогласеност со Колективниот договор за основно образование, односно дека не е пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија.
Со оглед на тоа што Судот согласно член 110 од Уставот не е надлежен да одлучува за законитоста на актите кои не се прописи, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.
Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Д-р Тодор Џунов, судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.32/2001
21 март 2001 год.
С к о п ј е
сд/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов