197/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” 6р. 70/92), на седницата одржана на 21 март 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член член 17 став 1 и 2 и член 193-6 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на РМ” бр.80/93, 3/94, 14/95, 71/96, 32/97, 24/00, 96/00 и 5/01). 2. Борјанка Дуцкиноска од Скопје на Уставниот суд на Релублика Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со нив се
утврдувале различни услови за остварување на старосна пензија за маж и жена , односно различни услови за утврдување на пензиската основица за маж и жена, што не било во согласност со член 9 од Уставот кој ја гарантира еднаквоста на граѓаните, помеѓу другото, и без оглед на полот.
3. На седницата Судот утврди дека во оспорениот член 17 став 1 од Законот е утврдено дека осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж) односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж. Во ставот 2 на овој член од Законот е предвидено дека во преодниот период од 1.09.2000 до 31.12.2001 година (маж) односно до 31-12-2007 година (жена) старосната граница за стекнување право на старосна пензија постепено се зголемува за 6 месеци секоја година, при што се задржува различната старосна граница за маж и жена.Во член 193-6 од Законот е утврдено дека старосната пензија за осигурениците од членовите 11, 12 и 13 од ово] закон кои биле опфатени во задолжителното пензиско осгирување до 1 септември 2001 година и кои не избрале да се вклучат во задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување и имаат исполнет пензиски стаж од најмалку 15 години, се утврдува од пензиската основа зависно од должината на пензискиот стаж и изнесува одреден процент и тоа за маж почнувајќи од 15 до 40 години пензиски стаж за остварување на пензиска основица од 80%, а за жена од 15 до 35 години стаж за 80% пензиска основица.
4. Според член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.Со членот 9 од Уставот е утврдено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата, помеѓу другото, и независно од полот, а според ставот 2 на овој член , граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.Според член 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор. Според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална правичност.Од наведените уставни одредби, покрај другото, јасно произлегува дека Уставот го прокламира и утврдува општиот принцип на лравото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое е препуштено на уредување со закон и колективен договор. Исто така, Уставот ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, која се остварува врз основа на начелото на социјална праведност. Според тоа, прокламацијата на тие уставни лринципи произлегува од социјалниот карактер на државата, а видовите на правата што се стекнуваат со социјалното осигурување, нивната висина, начин на стекнување и користење се резервирани за законодавната власт, која има широк простор во уредувањето на сите релевантни односи кои се од значење за остварување на социјалната сигурност на граѓаните.Изнесените уставни одредби, според мислењето на Судот, имплицираат дека разликата во полот, како фактичка разлика, не мора секогаш правно да се апстрахира за да се постигне посакуваната еднаквост пред законот. Имено, ако разликата во полот има реални импликации врз положбата на луѓето во социјалната сфера, тогаш нејзиното уважување може, напротив, да го зајакне принципот на правната еднаквост кој подразбира еднакво постапување со еднаквите, а нееднакво со нееднаквите. Оттука, социјалната положба и улога на жената во одредени случаи може да биде релевантна за поинаква положба во поглед на остварување на определени права и обврски, како што се на пример оние во сферата на одбраната, заштитата на мајчинството и т.н. Врз основа на изнесеното, Судот смета дека во конкретниот случај разликите во правата што произлегуваат од тоа дали осигуреникот е маж или жена, не го нарушуваат принципот на еднаквост на граѓаните, ниту содржат дискриминаторски однос кон осигурениците од машки пол, туку всушност претставуваат справедливо решение поради понеповолната положба на жената во однос на мажот која произлегува од нејзината посебна положба во остварувањето на улогата на мајчинство. Во таа смисла скратувањето на работниот век на жената – работник за остварување на правото на старосна пензија е во функција на остварување на еднаквост со мажот. Со оглед на изнесеното , Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 17 став 1 и 2 и член 193-б од Законот со Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д -р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.197/2000
21 март 2001 година
С к о п ј е