190/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“ Службен Весник на Република Македонија ” бр. 70/92), на седницата одржана на 14 март 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Член 2 став 1 и член 26 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на Република Македонија” бр. 21/98) и член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (” Службен весник на Република Македонија” бр.25/99).
2. Томислав Давков и Виолета Блажевска од Битола и Љубе Костов од Свети Николе, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од ова решение.
Во иницијативите се наведува дека оспорените членови не биле во согласност со член 52 став 4 од Уставот бидејки имале повратно дејство. Имено, оспорените одредби се однесувале на состојби кои биле регулирани и завршени во минато време со други одредби од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал.
Претпријатијата, задолжени со овој закон почитувајки ги роковите склучиле договори со Агенцијата за продажба на општествениот капитал по условите и можностите на тогашните одредби од законот. Со склучувањето на договорите формално правно била завршена продажбата при што на Агенцијата и биле издадени приоритетни акции за неоткупениот дел од општествениот капитал.
Оттука, законската одредба според која приоритетните акции што претпријатијата ги издале на Агенцијата за општествениот капитал кој не се отплаќа на рати (неприватизиран капитал) со денот на влегу-вањето во сила на овој закон се претвараат во обични акции, можела да има дејство само во иднина за новонастанати односи, а не и за односите што се веќе договорени.
Со оспорените одредби била повредена и правната заштита на сопственоста, слободата на пазарот и претприем-ништвото како и сопственоста и трудот како основа за управување и учество во одлучувањето. Имено, според законот Агенцијата за приватизација е правно лице со јавни овластувања која врши само изнесување на отстапениот општествен капитал на продажба и врши организирање, контрола и спроведување на трансформаци-јата.
Тоа значи дека Агенцијата има обврска да ја продава општествената сопственост, но не е нејзин сопственик. Со оглед дека само сопственоста дава право на одлучување и управување во акционерското друштво, со оспорените одредби се врши подржаву-вање на општествениот капитал со самиот чин на стекнување на обични акции. Неоткупениот дел на општествениот капитал пренесен на Агенцијата за натамошна продажба – приоритетни акции не даваат право на глас се додека не се продадат.
Од наведените причини, оспорените одредби не биле во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 6, 55 став 1 и 58 од Уставот.
Во двете иницијативи се предлага Судот до конечното одлучување да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорените одредби со цел да се спречат неотстранливите штети што можат да настанат по правните субјекти.
3. Судот на седницата утврди дека со членот 2 од Законот (“Службен весник на Република Македонија” бр. 21/98) се додава нов член 18- а кој гласи: “Претпријатијата што извршиле трансформација, за неоткупениот дел од општествениот капитал на Агенцијата и издаваат обични акции, доколку со овој закон поинаку не е уредено. За општествениот капитал кој се отплаќа на рати претпријатијата од ставот 1 на овој член на Агенцијата и издаваат приоритетни акции, доколку со овој закон поинаку не е уредено. Кога приоритетните акции од ставот 2 на овој член нема да се платат во рокот утврден со договорот, наредниот ден тие се претвараат во обични акции”.
Според член 26 став 2 од законот, приоритетните акции што претпријатијата ги издале на Агенцијата за општествениот капитал кој не се отплаќа на рати, со денот на влегувањето во сила на овој закон се претвараат во обични.
4. Согласно член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за гра?аните.
Со Законот за трансформацијата на претпријатијата со општествен капитал од 1993 година, се утврдени рокови во кои претпријатијата се должни да ја започнат и да ја завршат трансформацијата на општествениот капитал. Со оглед на тоа што и покрај утврдените рокови во законот, трансформацијата на општествениот капитал во многу претпријатија била започната но не била и завршена било неопходно донесувањето на Законот. Со изменување и дополнување на Законот во 1998 година всушност им се дава можност на претпријатијата да го продолжат процесот на трансформацијата и тоа со утврдување на истиот правен основ за пренос на неоткупениот односно непродадениот општествен капитал на Агенцијата и со иста можност за претворање на приоритетните акции во обични акции. Продолжувањето на започнатите постапки за трансформација според измените на Законот не претставува основ за поинаква трансформација во однос на општествениот капитал кој е трансформиран или можност за претварање на акциите на Агенцијата од приоритетни во обични акции пред продажбата доколку тие се откупени или пак бидат откупени во утврдениот рок. Напротив, сметаме дека оспорените одредби од законот од 1998 год. се однесуваат исклучиво на општествениот капитал кој не е откупен или продаден во постапка за трансформација согласно Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал.
При тоа битно е да се нагласи дека со измените на законот не се задира во склучените договори со Агенцијата за продажба на општествениот капитал, дотолку повеќе што и во договорите за трансформација се утврдени рокови за откуп и продажба на удели и акции. Меѓутоа со истекот на тие рокови утврдени во договорот, таквиот договор не произведува правни последици врз општествениот капитал кој согласно т ој договор не е откупен односно продаден туку за овој општествен капитал се применуваат одредбите од законот. Во спротивно би произлегло дека со непостапувањето во роковите утврдени со договорот, општествениот капитал кој е предмет на договорот би останал правно нерегулиран.
И членот 10 од Законот за измени и дополнување на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на Република Македонија” бр. 25/99) кој се однесува на измена на зборовите “што се трансформираат”, во зборовите “што извршиле трансформација”, нема повратно дејство од причини што измените направени со тој Закон се однесуваат на претпријатија кои ја извршиле трансформацијата на општествениот капитал. Дури и Законот за измени и дополнувања на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на Република Македонија” бр. 21/98) и тоа член 2 став 1 и член 26 став 2 кои се направени по истекот на повеќе од 5 години од денот на донесувањето на Законот за трансформација на претпријатијата со општеств ен капитал во кој период трансформацијата во пове?ето претпријатија со општествен капитал била завршена, се однесуваат на претпријатијата во кои трансформацијата требала да биде довршена, меѓутоа и покрај правниот односно законскиот основ за претварање на приоритетните акции во оби чни акции за непродадениот општествен капитал тоа не е сторено, па со овие измени на Законот за измени и дополнување на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на Република Македонија” бр. 25/99) повторно се утврдува истиот основ тоа да се направи.
Оттука Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените членови од законот со членот 52 став 4 од Уставот.
Една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е правната заштита на сопственоста.
Според член 58 став 1 од Уставот, сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето.
Судот смета дека со оспорените членови од законот, Агенцијата за приватизација не станува сопственик на неоткупениот дел од општествениот капитал на претпријатието за кој дел претпријатието согласно законот на Агенцијата и издава обични акции. Имено, промената на видот на акциите од приоритетни во обични има за цел брза и конечна доприватизација на неоткупениот дел од општествениот капитал. При тоа функцијата на Агенцијата е обезбедување продажба на општествениот капитал кога тоа не го направили претпријатието, а не стекнување на сопственост. Оттука, останува нејасно чии права на управување се повредени со преземањето на неоткупениот дел од општествениот капитал од страна на Агенцијата (со цел да го продаде), а за управување по основ на трудот воопшто не може да стане збор. Со оспорените одредби од законот не се повредува сопственоста стекната над општествениот капитал што бил предмет на трансформација врз основа на договор за трансформација бидејки за тој дел од општествениот капитал овие одредби воопшто не се однесуваат. Ако се има предвид дека трансформацијата на општествениот капитал е заснована на член 7 од Уставниот закон за спроведување на Уставот, произлегува дека за делот од општествениот капитал кој останал неоткупен, државата се грижи да му се определи сопственикот и во таа смисла, во нејзино име, се јавува Агенцијата која има зада ча да го заврши процесот на трансформацијата на општествениот капитал.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека со оспорените членови не се повредува ничие право на сопственост поради што не може да се постави прашањето за нивната согласност од овој аспект со одредбите на Уставот.
5. Во врска со барањето во иницијативите, Судот до конечното одлучување да донесе решение за запирање на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорените одредби, Судот оцени дека ова барање нема основ да се прифати со оглед на тоа што не се поставува ниту прашањето за согласноста на оспорените одредби со Уставот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр. 190/ 2000
У.бр. 218/ 2000
14 март 2001 год.
Скопје
л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов