Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 март 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 44 став 1 во делот што гласи
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот за извршната постапка означени во точката 1 на ова Решение. Според наводите во иницијативата уставната гаранција за неповредивост на домот утврдена во член 26 од Уставот на Република Македонија, можела да се ограничи единствено со судска одлука и тоа кога било во прашање откривање или спречување на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето. Меѓутоа, со оспорените одредби на член 44 од Законот за извршната постапка била повредена оваа уставна гаранција затоа што предвидувале неповредивоста на домот да биде ограничена и кога не било во прашање откривање или спречување на кривични дела, или заштита на здравјето на луѓето.
3. Судот на седницата утврди дека според одредбата на член 44 од Законот, чии делови се оспоруваат, службеното лице е должно при пребарување на должниковиот стан или на облеката што ја носи тој на себе си и преземање на други извршни дејствија да постапува со должен обзир спрема личноста на должникот и членовите на неговото семејство.
Во ставот 2 на овој член е предвидено дека на извршните дејствија во должниковиот стан на кои не присуствува должникот, негов законски застапник, полномошник или возрасен член на неговото домаќинство, мораат да присуствуваат двајца полнолетни граѓани.
Според ставот 3 на овој член од Законот извршувањето во просторија на правно лице се спроведува така што службеното лице пред преземањето на извршното дејствие ќе побара од претставникот на правното лице тој самиот или лицето кое тој ќе го определи да биде присутно при неговото преземање.
Кога извршното дејствие треба да се спроведе во просторија што е заклучена, а должникот не е присутен или не сака да ја отвори просторијата, службеното лице ќе ја отвори просторијата во присуство на двајца полнолетни граѓани (став 4), а ако претставникот на правното лице одбие да постапи во согласност со барањето на службеното лице или службеното лице не го затекне во просториите на правното лице при преземањето на извршното дејствие, дејствието ќе го преземе во присуство на двајца полнолетни сведоци (став 5).
И според ставот 6 службеното лице, дејствијата од ставовите 1, 2 3 и 4 на овој член, ги спроведува врз основа на писмена наредба од судот, а за преземените дејствија составува посебен записник кој го потпишуваат и присутните сведоци.
4. Во членот 8 од Уставот на Република Македонија како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, меѓу другото се утврдени основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, правната заштита на сопственоста и почитување на општо прифатените норми на меѓународното право.
Според членот 26 од Уставот се гарантира неповредивост на домот.
Правото на неповредивост на домот може да биде ограничено единствено со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето, а според членот 54 став 1 од Уставот слободите и правата на човекот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Во членот 98 став 2 од Уставот судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.
Уставната гаранција за неповредивост на домот има за цел да го заштити човекот од повреди на неговиот дом во кој живее тој и неговото семејство. Ова право, како и други одделни права утврдени со Уставот, по исклучок може да биде незаштитено доколку со судска одлука е утврдено дека се исполнети условите утврдени со Уставот и тоа доколку е во прашање откривање или спречување на кривични дела и заштита на здравјето на луѓето. Меѓутоа, се поставува прашање дали Уставот со исклучоците има предвид ситуација кога е во прашање само кривично дело и заштита на здравјето на луѓето, а другите прашања во поглед на начинот на претресување на домот како истражно дејствие се уредени со Законот за кривичната постапка. Според т оа се поставува и прашањето дали и дејствијата што се преземаат во извршната постапка од службеното лице можат да се подведат под повреда на уставната гаранција за неповредивост на домот.
Со Законот за извршната постапка се определуваат правилата според кој судот постапува заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, како и заади обезбедување на побарувања.
Според членот 15 од Законот Судот го дозволува извршувањето врз основа на извршна исправа (пресуда, решение, платен и друг налог на судовите, на избраните судови и на арбитражите, судско порамнување, решение и заклучок на орган на управата).
Според член 27 како средства на извршување заради остварување на парично побарување можат да се дозволат само: продажба на подвижни предмети, продажба на недвижности, пренос на парично побарување, претварање во пари на други имотни права и пренос на средства што се водат на сметката кај носителот на платен промет согласно со прописите за платен промет, а во членот 28 од Законот е предвидено дека предмет на извршување заради намирување на парично побарување може да биде секој должников предмет или имотно право што со закон не се изземени од извршување односно доколку извршување врз нив не е ограничено со закон.
Според чле н 42, извршувањето се спроведува во границите определени со решението за извршување.
Од наведените одредби, како и од Законот во целина, произлегува дека Судот, заради присилно извршување на судска одлука и другите извршни наслови постапува по строго утврдени правила и врз основа на судска одлука за извршување. Во тој контекст со оспорените оредби на член 44 од Законот е регулирано и постапувањето на службеното лице при преземањето на извршните дејствија и кога тие дејствија се преземаат во должниковиот стан. Ако се има предвид дека во извршната постапка, заради извршување на извршните наслови се преземаат извршни дејствија од овластеното службено лице и во домот на должникот, односно во просториите на правното лице, меѓу кои пребарување на должниковиот стан заради попис и процена на предметите, тогаш дејствијата што ги презема овластеното лице се во функција на извршувањето. Ако се има предвид и тоа дека извршувањето и извршните дејствија се преземаат, по правило, врз основа на правосилно решение за извршување, тогаш несомнено дека службеното лице постапува врз основа на судска одлука донесена врз основа на закон.
Слободите и правата утврдени со Уставот произлегуваат од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Според тоа, Судот смета дека и уставната гаранција за неповредивост на домот произлегува од темелните вредности, особено од темелната вредност основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, и оттука произлегува дека ограничувањето на неповредивост на домот е во функција на остварување на правата и слободите на другите граѓани утврдени со Уставот.
Исто така, оваа темелна вредност упатува на строго почитување на правата и слободите на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право што значи дека при нормирањето на општествените односи во државата законодавецот е должен да ги почитува и заштити слободите и правата утврдени со меѓународните конвенции. Во случајов од посебно значење се правата и слободите утврдени со Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи. Така во членот 8 од оваа конвенција е предвидено дека секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.
Во ставот 2, исто на оваа Конвенција е предвидено дека јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државата и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштита на здравјето и моралот или заштита на правата и слободите на другите во едно демократско општество.
Судот смета дека од значење за уставноста на оспорените одредби од Законот е и определбата од член 98 од Уставот според која судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот од што произлегува дека ограничувањето на неповредивоста на домот со оспорените одредби, односно кога е во прашање извршување на судска одлука заснована на закон има своја основа во Уставот и меѓународните договори, поради што не може да се постави прашањето за уставноста на оспорените одредби од Законот за извршанта постапка.
Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Н едков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.88/2000
14 март 2001 година
С к о п ј е
сд/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов