136/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 март 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за
а) поведување постапка за оценување уставноста на член 12 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите (“Службен весник на Република Македонија” бр.27/86, 17/91) и
б) поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 105 од Правилникот за начинот на одржување на премерот и катастарот на недвижностите (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/95).
2. Манчо Манчев, адвокат од Кавадарци на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 12 од Законот означен во точката 1 под а) од ова решение, како и уставноста и законитоста на член 105 од Правилникот означен во точката 1 под б) од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорените членови не биле во согласност со член 30 од Уставот затоа што со нив се предвидувало задолжително учество на сите сосопственици во постапката на излагање, односно на запишување на правата врз недвижностите во катастарот како услов да се заврши постапката иницирана од еден или повеќе сосопственици и дека со нивната примена во практиката, во случај кога другите сосопственици не биле заинтересирани да се вклучат во постапката, се ограничувало правото на сопственост и правата што произлегуваат од неа надвор од случаите утврдени во наведениот член од Уставот. Или поконкретно, со овие одредби се ограничувало правото на располагање (оттуѓување) на делот на недвижноста на сосопственикот, кој поради наведените причини не можел да добие имотен лист од Републичката геодетска управа (сега Државен завод за геодетски работи), а кој лист му е најчесто потребен за пренос на своето сосопственичко право на друго лице.
Истовремено, оспорените одредби од Правилникот не биле во согласност и со член 12 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите, како и со член 20 од Законот за основните сопственосно правни односи, според кој правото на сопственост се стекнувало според самиот закон, врз основа на правна работа, со наследување, како и со одлука на државен орган.
3. Судот на седницата утврди дека според член 12 од Законот, запишувањето на податоците во катастарот на недвижностите се врши по службена должност или по барање на странката, а во членот 105 од Правилникот за начинот на одржувањето на премерот и катастарот на недвижностите, утврдено е дека доколку во постапката од премерот, катастарот и запишувањето на правата на недвижностите (излагањето) на одредена недвижност не се утврдени и запишани правата на недвижностите, тие права ќе се утврдат во постапката на одржувањето на катастарот на недвижностите, според одредбите на Правилникот за начинот и постапката на излагањето на јавен увид на податоците за недвижностите и начи нот на запишувањето на правата на недвижностите.
4. Според член 110 став 1 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата, меѓудругото и кога постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, од една страна, и содржината на оспорениот член 12 од Законот и член 105 од Правилникот, како и причините и мотивите за нивно оспорување, од друга страна, произлегува дека во конкретниот случај не постојат процесно правни претпоставки за одлучување по иницијативата бидејќи оспорените одредби воопшто не го уредуваат прашањето за задолжително учество на сите сосопственици на определена недвижност во постапката за запишување на правата на таа недвижност во катастерот, како што наведува подносителот на оваа иницијативата, но напротив тие уредуваат други прашања, со тоа што членот 105 од Правилникот е само упатна одредба.
Поради наведеното, Судот утврди дека оспорените одредби од Законот и Правилникот не можат да се доведуваат во директна корелација со членот 30 од Уставот и да се оценува нивната согласност во однос на оваа уставна одредба, од аспект на причините наведени во иницијативата.
Со оглед на тоа што оспорениот член 105 од Правилникот, се однесува на сосема други прашања од оние што се уредуваат во членот 12 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите и член 20 од Законот за основните сопственосно правни односи, во однос на кои се оспорува неговата законитост, Судот утврди дека наведените причини претставуваат процесни пречки за оценување и на согласноста на оспорениот член од Правилникот со оспорениот член од Законот, како и со член 20 од Законот за основните сопственосно-правни односи, поради што и во овој поглед иницијативата треба да се отфрли.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение. 6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков. д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.136/2000
7 март 2001 год.
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов