170/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 47 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 март 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста на член 84 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/93, 48/93, 21/98, 25/99, 39/99, 81/99, 49/2000).
2. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Тодор Пљаков адвокат од Велес, со решение У.бр.170/2000 од 27 декември 2000 година поведе постапка за оценување уставноста на членот 84 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според членот 84 од Законот, кога се врши санирање и рекон струкција на претпријатието-должник соодветно се применуваат одредбите од Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација (“Службен лист на СФРЈ” бр.84/89). На работниците им престанува работниот однос и имаат право да ги остваруваат сите права, како и работниците во претпријатијата во стечај, освен ако им се обезбедени поповолни услови од страна на доверителите односно Управниот одбор. Работниот однос на работниците привремено задржани на работа (работен однос на определено време), може по успешното санирање и реорганизирање односно донесување на одлуката за трансформација, да им се претвори во работен однос на неопределено време.
4. Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Во преодните и завршните одредби од Законот за стечај односно во членот 347 е уредено дека стечајните постапки и постапките за присилно порамнување и ликвидација остварени пред влегувањето во сила на овој закон ќе се завршат според правилата кои важеле до денот на влегувањето во сила на овој закон. Според членот 348 од Законот, овој закон се применува на стечајните постапки поведени по започнувањето на примената на овој закон.
Согласно член 349 став 1 точка 1) од овој закон, со денот на почетокот на примената на овој закон престанува да важи Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација (“Службен лист на СФРЈ” бр.84/89), а според член 350 овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”, а започнува да се применува по истекот на шест месеци од денот на неговото влегување во сила.
Законот за стечај е објавен во “Службен весник на Република Македонија” на 29 октомври 1997 година, а влегол во сила осмиот ден од денот на објавувањето, додека пак почнал да се применува по истекот на шест месеци од денот на неговото влегување во сила, односно, од мај 1998 година.
Оттука, недвосмислано произлегува дека одредбата од оспорениот член 84 став 1 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал се заснова на закон кој престанал да важи поради што пове?е не е дел од правниот поредок на државата.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џ унов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков. д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.170/2000
7 март 2001 год.
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов