209/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 февруари 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 136 став 3 и член 169 став 1 точка 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (” Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94, 14/95, 71/96, 32/97, 24/2000, 96/2000 и 5/2001).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од Законот биле несогласни со Уставот затоа што давале можност со статутот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување поблиску да се уредува начинот на остварувањето на правата од областа на социјалното осигурување.
3. Судот на седницата утврди дека согласно член 136 став 3 од Законот, Фондот односно работодавецот со општ акт, во согласност со одредбите на овој закон , поблиску го уредува начинот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување.
Исто така, согласно член 169 став 1 точка 2 од статутот на Фондот се уредува начинот на остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување во согласност со законот.
4. Согласно член 34 од Уставот на Република Македонија, граѓаните имаат право на социјална сиг урност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор.
Како што се гледа наведената уставна одредба упатува правата од социјално осигурување да се утврдуваат со закон и со колективен договор.
Притоа, со Уставот не се определува обемот на законското уредување и прашањата што ќе бидат уредени со колективни договори. Исто така, Уставот не ја определува содржината на социјалното осигурување, односно правата што следуваат врз основа на ова осигурување, меѓутоа, според Судот, неспорно е дека со законот или со законите од оваа област како и со колективни договори треба да бидат утврдени правата од социјалното осигурување кои еднакво ќе се однесуваат на сите осигуреници.
За Судот е, исто така, неспорно општите акти со кои се утврдува начинот на реализирањето на веќе предвидените права во законот или во колективниот договор, да ги носи Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Со оглед на тоа што во конкретниов случај, со оспорените одредби од Законот се овластува Фондот, со општ акт (статут), да го уреди начинот на остварувањето на претходно предвидените права на осигурениците во законите и во колективните договори, Судот оцени дека, од овој аспект, не може основано да се постави прашањето за уставноста на одредбите од членовите 136 став 3 и член 169 став 1 точка 2 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, па одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Милан Недков, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.209/2000
28 февруари 2001 година
С к о п ј е
сд/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов