Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 февруари 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 30 став 1 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95 и 60/95).
2. Панче Докузов од Штип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 30 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение, бидејќи со оспорениот член, дефакто се продолжувал мандатот на советниците од претходниот состав за 30 дена од денот на завршувањето на изборите, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 63, член 114 и член 115 од Уставот. Со денот на завршувањето на изборите и добиените уверенија од изборните комисии на легално избраните советници, тие добивале легитимитет и верификацијата на нивните мандати не требало да зависи од волјата на поранешниот претседавач.
3. Судот на седницата утврди дека според член 30 став 1 од Законот, првата седница на новоизбраниот совет ја свикува претседавачот на советот на единицата на локалната самоуправа од претходниот состав најдоцна во рок од 30 дена од денот на завршувањето на изборите.
4. Владеењето на правото, согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 63 став 1 од Уставот, пратениците во Собранието се избираат за време од четири години. Мандатот на пратениците го верифицира Собранието. Мандатот почнува да тече од конститутивната седница на Собранието. Новоизбраното собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав.
Членот 114 од Уставот, на граѓаните им го гарантира правото на локална самоуправа која се уредува со закон, а членот 115 од Уставот уредува дека во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење.
Законот за локалната самоуправа, во членот 26 утврдил дека советот на единицата на локалната самоуправа го сочинуваат претставници на граѓаните избрани на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање. Изборот на членовите на советот на единиците на локалната самоуправа се уредува со закон.
Според членот 28 од овој закон, членовите на советот се избираат за време од четири години во согласност со закон.
Согласно членот 7 од Законот за локалните избори, редовните избори за членови на советите и за градоначалник се одржуваат секоја четврта година истовремено во сите општини, најрано 90 дена, а најдоцна 60 дена пред истекот на четиригодишниот мандат.
Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека локалната самоуправа се уредува со закон. Со закон е уредено и дека членовите на советот се избираат за време од четири години. При тоа редовните избори за членови на советот и за градоначалникот се одржуваат секоја четврта година и тоа најрано 90 дена, а најдоцна 60 дена пред истекот на четиригодишниот мандат. Тоа неспорно значи дека членовите на советите на локалната самоуправа имаат мандат од четири години, а дека пред истекот на тој мандат се распишува и се врши избор на нови членови на советите.
Одредбата од оспорениот член 30 став 1 од Законот за локалната самоуправа, како и одредбите од членот 63 став 1 од Уставот, е исклучиво со цел да се уреди прашањето за почетокот на конститутивната седница на која се врши верификацијата на мандатите на пратениците односно на советниците, меѓу другото и заради оневозможување конституирањето на Собранието односно на советите и верификацијата на мандатите на новоизбраните пратеници односно советници да зависи од волјата на претседателот односно претседавачот од претходниот состав.
Ако се има предвид дека распишувањето и завршувањето на изборите се одвива и завршува во време пред истекот на четиригодишниот мандат на претходните членови на советите на локалната самоуправа, јасно произлегува дека нивната функција не може да биде продолжена. Имено, законскиот рок од најдоцна 30 дена во кој претседавачот на советот на локалната самоуправа од претходниот состав е должен да ја свика првата седница на новоизбраниот совет е прашање на чиста техника. Тој рок законодавецот оценил дека е максимум 30 дена што претпоставува дека е можно седница да се свика и 3 дена по завршувањето на изборите. Овој рок за свикување на конститутивната седница на Собранието на Републиката е најдоцна 20 дена по одржаните избори.
Оттука, битно е дека и Уставот и законот определиле рок во кој треба да се одржат конститутивни седници, меѓутоа дали тој рок е најдоцна 30, 20 или 10 дена по завршувањето на изборите е сосема ирелевантно. Што ќе се случи ако советот на единицата на локалната самоуправа не се свика во рок од 30 дена од денот на завршувањето на изборите е уредено со членот 30 став 2 од Законот за локалната самоуправа според кој новоизбраните членови на советот сами се состануваат и под претседавање на најстариот член на советот го конституираат советот 31 ден од денот на завршувањето на изборите. Оваа законска одредба претставува заштитен механизам од евентуалното самоволно одолговлекување на свикувањето на првата седница на советот од страна на претседавачот на советот од претходниот состав.
Врз основа на изнесеното Судот смета дека со оспорената одредба од законот не се овозможува продолжување на мандатот на членовите на советот од претходниот состав поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од заменикот на претседателот на Судот Олга Лазова и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.4/2001
21 февруари 2001 година
С к о п ј е
лк
ГО ЗАМЕНУВА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ
на Уставниот суд на Република
Македонија
судија: Олга Лазова