Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и членовите 56 и 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 февруари 2001 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ ОДБИВА барањето на Ристевски Пеце, Ристевски Стефан и Ристевски Зоран од Битола и ПП “Ротекс” од Битола за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на социјална припадност во однос на пресудите на Основниот суд и Апелациониот суд во Битола со кои е одлучено за имотно-правните спорови настанати по одобрениот рамковен кредит од “Балканска Банка” Ад Скопје на подносителите на барањето.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Ристевски Пеце, Ристевски Стефан и Ристевски Зоран од Битола и ПП “Ротекс” од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, конкретно на заштита на слободите и правата што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на социјална припадност и заштита на еднаквата правна положба на субјектите на пазарот.
Според подносителите на барањето повредата била сторена со поединечни акти и дејствија на Основниот и Апелациониот суд во Битола, и тоа со пресуда Пс.бр.193/99-1 од 16.02.2000 година донесена од Основниот суд во Битола; пресудата ССЖ.бр.564/2000 на Апелациониот суд, и дејствијата од И.бр.247/99 на извршното одделение на Основниот суд од Битола кои сеуште се во тек.
Во барањето, подносителите упатуваат на членовите 9, 30 и 55 од Уставот на Република Македонија и член 1 став 1 од I Протокол на Европската Конвенција за заштита на човековите права и основни слободи. Подносителите сметаат дека е сторена повреда на забраната за дискриминација по основ на социјална припадност на начин што во конкретниот граѓанско-правен спор, во кој тие се јавуваат како должници, односно тужители, истите биле дискриминирани во однос на другата странка во постапката (банка), која со оглед на својата финансиска надмоќност била привилегирана при примената на правото (законот). Накусо, подносителите сметаат дека е сторена повреда при примената на материјалното право, односно дека погрешно се интерпретирани законските одредби применети во конкретниот случај.
4. Судот на седницата утврди дека на 9.03.1998 година склучен е Договор за одобрување рамковен револвинг кредит
бр.01/279 помеѓу “Балканска Банка” АД. Скопје (како давател на кредитот) и ПП “Ротекс” од Битола (како корисник на кредитот) во износ од 20.000 ДЕМ. Заради обезбедување на паричното побарување на банката, а врз основа на судско порамнување, како извршна исправа под ПП.бр.70/98 Оснивниот суд во Битола донесува Решение за обезбедување со кое се определува обезбедување со запишување на заложно право – хипотека врз недвижност (деловен простор од 15м2) на должникот.На 1.04.1998 година, а врз основа на Договор за одобрување денарски кредит бр.01/417, банката одобрува средства во висина од 10.000 дем.
Со Анекс на договорот бр.01/813 од 17.07.1998 година, рокот за враќање на одобрениот кредит е прологиран за 3 месеци. Поради неисполнување на обврските од договорот (кредитот не бил вратен), банката поднесува предлог за извршување за наплата на долг. Со решение И.бр.247/99 од 21.01.1999 година предлогот се усвојува, односно извршувањето се дозволува.а по приговорите на ова решение, Основниот суд носи решение на 1.03.1999 година со кое истите ги одбива како неосновани. Ова решение должниците го обжалуваат, по што Апелациониот суд во Битола на 14.04.1999 година носи Решение ССЖ бр.252/99 со кое жалбата ја одбива, а првостепеното решение го потврдува.
Понатаму, должниците заведуваат граѓанско-правен спор за надомест на штета против банката по кој Основниот суд во Битола на 16.02:2000 година носи Пресуда Пс.бр. 193/99 – И со која го одбива тужбеното барање на тужителите.
Постапувајќи по жалба, Апелациониот суд во Битола на ден 2.10.2000 година донесува Пресуда ССЖ.бр.564/2000 со која жалбите на тужителите се одбиваат. И во двата случаи (спорот за наплата на долг и за надомест на штета), подносителите сметаат дека хипотеката е заведена како обезбедување на полниот износ за кој е склучен договорот за рамковен кредит – 20.000 дем., при што одобрените кредитни средства во висина од 10.000 дем претставувале само транша (сукцесивна) од договорената сума на рамковниот кредит.
5. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Републиќа Македонија, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Од самата содржина на пресудата Судот оцени дека не може да се констатираат никакви елементи на евентуална дискриминација по основ на социјална припадност. Таа исклучиво готретира облигационо-правниот однос помеѓу странките, настанат со склучувањето на договорот за рамковен кредит, поаѓајќи при тоа од соодветните законски одредби кои истиот го регулираат.
Суштината на забраната за дискриминација по основ на социјална припадност, за која Уставниот суд е надлежен да одлучува е нејзиниот недискриминаторски карактер и исклучувањето секаков облик на привилегирање по тој основ.
Ова право забранува востановување на основи и елементи за било какви разлики меѓу луѓето во ситуација кога тие остваруваат права и исполнуваат одредени должности. Апсолутноста на ова право е изразена во уставно утврдената еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, и тоа од аспект на нивната содржина и примена. Сепак, склучувањето договор со слободна диспозиција на волјата на страните е факт кој утврдува одредени облигациони права и обврски на договорна основа, чие непочитување повлекува законски консеквенци. Самата пресуда се заснова токму на овие договорни односи и релациите меѓу страните, настанати како последица на истите, без да имплицира на некакво фаворизирање.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р ЈосифТалевски.
У.бр.214/2000
7 февруари 2001 година
С к о п ј е