Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 31 јануари 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката на генералниот директор на Стопанска банка а.д.-Скопје Централа Скопје број 01-303 од 26 март 1996 година за воведување провизија за судски полномошна, за време на нејзиното важење.
2. Слободан Ивановски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 на ова решение. Според наводите во иницијативата оспорената одлука не била во согласност со Уставот и со закон, затоа што со неа била воведена провизија за судските полномошна на физичките и правните лица што вршеле посредување при отстапување на девизни средства од депонираните штедни влогови. Причина за воведување на провизијата не била за пружена услуга од страна на банката која се наплаќала според тарифата на услугите, туку како што било означено во самиот акт “заради спречување на зачестената појава правни и физички лица со судско полномошно да вршат сервисирање на девизни средства од епонираните девизни штедни влогови”.
Банката не била овластена да санкционира, односно да спречува, туку доколку оценила дека некоја појава треба да биде спречена требало да ја пријави ваквата појава кај надлежните органи. Со оспорениот акт Банката и самата била соучесник во ваквите незаконити појави. Со воведувањето на провизијата Банката всушност воведува парична казна со цел да ја спречи ваквата појава и инкасирала добивка на своја сметка.
Од друга страна, не било спорно правото на сопственост на сопственикот на депонираниот девизен влог од што произлегува и право да ополномошти друго лице во негово име и за негова сметка да го сервисира неговиот депониран девизен штеден влог. Со оспорената одлука Банката го повредила уставното право на сопственост и правото на располагање што произлегува од сопственоста па во таа смисла и правото на сопственикот да ополномошти друго лице да располага со девизниот влог, односно го оспорила полномошното како израз на слободната волја на сопственикот со што го ограничила правото на сопственост спротивно на член 30 став 3 од Уставот на Република Македонија.
Подносителот со иницијативата бара Судот да ја поништи Одлуката, со што ќе овозможи наплатената провизија да им биде вратена на сопствениците на депонираните девизни штедни влогови од кои е наплатена.
3. Судот на седницата утврди дека оспорениот акт всушност не е одлука туку писмо на генералниот директор на Стопанска банка АД – Скопје упатено до директорите на филијалите на оваа банка и гласи: “Заради спречување (намалување) на зачестената појава правни физички лица (дилери) со судско заверено полномошно да вршат сервисирање, посредување при отстапување – употреба на девизни средства од депонирани девизни штедни влогови за плаќање – исплата со закон пропишани намени, филијалите на Банката, од правните и физичките лица (дилерите) наплатуваат провизија од 2% од денарската противвредност на извршената исплата од кои 0,5% отпаѓа на филијалата од чија книшка е извршено намалувањето.
При определување на помал процент од наведениот (2%) се бара овластување од генералниот директор на Банката”.
4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи со Уставот и со законите.
Тргнувајќи од содржината на оспорениот акт судот смета дека тој не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот, туку акт на директорот донесен во рамките на раководењето со работата на банката и нејзината деловна политика.
Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Со оглед на тоа што оспорениот акт не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот за чија уставност и законитост одлучува Уставниот суд, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по барањето од иницијативата поради што и одлучи како во точката 1 на ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.5/2001
31 јануари 2001 год.
С к о п ј е
сд/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов