Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 став 1 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 31 јануари 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за донесување Детален урбанистички план за населбите “Буњаковец” и “Дебар Маало” бр.07-254 донесена од Советот на Општината Центар – Скопје, во делот на актот за недавање согласност на планот бр.10-6855 од 3 ноември 2000 година.
2. Мирослав Грчев од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на дел од актот означен во точката 1 од ова решение. Според иницијаторот Министерството за транспорт и врски во постапката за давање согласност на Планот, оценувајќи го Планот од аспект на негова усогласеност со Правилникот за нормативи и стандарди за планирање, незаконски и арбитрерно ја менува организацијата и намената на просторот на населбите подведувајќи ги исклучиво под намена “станбени објекти и комплекси” за која намена според Правилникот коефициентот на искористување на земјиштето изнесува максимум 1,4. Со ова министерството како извршен орган со оспорениот акт врши директен упад во Основниот урбанистички план на Град Скопје со што ги повредува законските одредби за меѓусебна усогласеност на плановите, како и повреда на уставните начела за владеење на правото, за поделба на власта на законодавна и извршна и хуманизација на просторот и заштита и унапредување на животната средина и на природата.
3. Судот на седницата утврди дека оспорениот акт всушност претставува одговор на барање согласност за спроведување на Детален урбанистички план за населбите “Буњаковец” и “Дебар Маало”. Со овој акт Министерството за транспорт и врски го известува Советот на Општината Центар – Скопје, дека Министерството согласно член 22 и 23 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и член 27 и 70 од Законот за организација и работа на органот на државната управа ја разгледало доставената документација и констатирало дека истата не е во целост изработена согасно Правилникот за стандарди и нормативи за планирање и дека поради тоа не се исполнети условите за издавање согласност.
4. Според член 22 став 6 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, урбанистичките планови можат да се спроведуваат по издавање на согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот, а според ставот 7 на овој член, плановите за кои не е издадена согласност од став 6 на овој член се сметаат дека не се донесени.
Согласно член 18 став 1 точка 2) од Законот за локалната самоуправа, единиците на локалната самоуправа во согласност со надлежните органи на државната управа, донесуваат детален урбанистички план и урбанистичка документација за населените места на единицата на локалната самоуправа на кои органот на државната управа надлежен за работите на урбанизмот дава согласност по претходно прибавени мислења од други органи и организации утврдени со закон. Согласно ставот 2 на овој член, во случај на недавање согласност во смисла на точка 2 од став 1 на овој член од страна на надлежни државни органи, спорот меѓу единиците на локалната самоуправа и надлежните органи го решава надлежниот суд.
Во конкретниот случај, Министерството за транспорт и врски кое е надлежно и за работите на урбанизмот, со овој акт фактички не дало согласност за спроведување на Деталниот урбанистички план за населбите “Буњаковец” и ” Дебар Маало”, од што согласно законските одредби произлегува дека овој план не е донесен.
Оттука, Судот оцени дека има процесни пречки да одлучува за согласноста на Планот со Уставот и со закон, а во тие рамки и за актот со кој не е дадена согласност, како негов составен дел и поради кој се смета дека Планот не е донесен.
Понатаму, Судот оцени дека согласно Законот за локалната самоуправа, во случај на недавање согласност на детален урбанистички план од страна на надлежен државен орган, спорот меѓу единицата на локалната самоуправа и надлежниот орган го решава надлежниот суд. При тоа, во овој случај, под поимот надлежен суд не се подразбира дека е тоа Уставниот суд бидејќи согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд нема надлежност да одлучува за било какви спорови, а со закон не може да се проширува надлежноста на Уставниот суд.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот г о донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.223/2000
31 јануари 2001 год.
С к о п ј е
сд/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов