Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 декември 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Тенков Ѓуро од с.Куклиш, Струмичко за заштита на уставното начело на еднаквост на граѓаните.
2. Тенков Ѓуро од с.Куклиш, Струмичко на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на уставното начело на еднаквост на граѓаните, кое според подносителот на барањето било повредено со решение на Министерството за здравство со кое се одбива жалбата на барателот за целосен надомест на трошоците за набавка на лекот Андрокур. Исто така, со оглед на тоа што во одделни делови од државата добил спротивставени информации за тоа дали лекот е на Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот за здраствено осигурување, подносителот смета дека принципот на еднаквост на граѓаните не се почитува подеднакво на целата територија на државата, поради што бара Судот да преземе неопходни интервенции за негово обезбедување.
3. Судот на седницата утврди дека со Решение бр. 12-82, донесено од Министерството за здравство на 8.05.2000 година, во целост е одбиена жалбата на подносителот на барањето, поднесена против решението бр.306 од 28.03.2000 година на Фондот за здравствено осигурување, констатирајќи при тоа дека предметниот лек Андрокур не се наоѓа на Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот.
4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено некое од погоренаведените права или слободи, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејствие со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Од содржината на барањето, Судот утврди дека истото воопшто не се однесува на некое од правата или слободите на човекот и граѓанинот за кои Уставниот суд е надлежен да одлучува. Се работи за акт донесен во управна постапка со кој се уредува едно фактичко прашање – набавениот лек не е на Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување, поради што осигуреникот нема право на целосен надомест на трошоците за неговата набавка. Во делот на барањето со кое подносителот бара Судот да обезбеди еднаквост на сите граѓани и тоа да се однесува на целата територија на Републиката (ова оттаму што подносителот добил спротивставени информации во одделни делови на државата за тоа дали лекот е на Листата или не), Судот оцени дека прашањето е безпредметно и е надвор од неговата надлежност.
Покрај тоа, Судот констатира дека барањето е поднесено по истекот на рокот од 2 месеци од денот на доставувањето на решението на Министерството за здравство, рок утврден со Деловникот.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.180/2000
27 декември 2000 година
С к о п ј е