158/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 декември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 39 став 3 од Законот за енергетика (“Службен весник на Република Македонија” бр.47/97 и 40/99).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членот 39 став 3 од законот означен во точката 1 од ова решение. Според иницијаторот согласно член 91 алинеја 5 од Уставот, Владата на Република Македонија донесува уредби и други прописи за извршување на законите што значело дека во Уставот не било пропишано дека Владата може да дава согласност на некој акт донесен од друг субјект.Поради тоа, оспорената одредба од Законот не била во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3, 51 и 91 алинеи 1 и 5 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 39 од Законот за енергетика, цената на електричната енергија, природниот гас, топлинската енергија, геотермалната енергија и нафтените деривати се формира според Методологија за формирање на цените на одделните видови енергија.

Одлука за усвојување на методологиите за формирање на цените на одделни видови енергија донесува Владата на Република Македонија.

По однос на примена на методологиите за формирање на цените на одделни видови енергија на актот за цената донесен од страна на вршителите на дејноста согласност дава Владата на Република Македонија и тоа за производните цени на одделни видови енергија по претходно мислење од министерството надлежно за работите на енергетиката, а за малопродажните цени по претходно мислење од министерството надлежно за работите на трговијата.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија
е поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Членот 88 од Уставот утврдува дека Владата на Република Македонија е носител на извршната власт и дека своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Во членот 91 од Уставот се утврдени повеќе работи од надлежност на Владата, со тоа што Уставот допуштил покрај наведените работи, Владата да врши и други работи утврдени со Уставот и со закон.

Тргнувајќи од фактот што Уставот утврдил можност Владата да врши и други работи утврдени со Уставот и со закон, законодавецот, во Законот за енергетика утврдил дека по однос на примена на методологиите за формирање на цените на одделни видови енергија на актот за цената донесен од страна на вршителите на дејноста согласност дава Владата на Република Македонија.

Оттука, Судот оцени дека нема основи за поставување на прашањето за согласноста на оспорениот член од Законот за енергетика со Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.158/2000
6 декември 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов