133/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 декември 2000 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 62 став 1 точка е) од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95 и 60/95).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.133/2000 од 4 октомври 2000 година, поведе постапка за оценување уставноста на член 62 став 1 точка е) од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, бидејќи пред Судот основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 62 став 1 точка е) од Законот, единиците на локалната самоуправа се финансираат од сопствени извори на приходи меѓу кои и од приходи од казни за непочитување на прописите на единиците на локалната самоуправа.

Судот, исто така утврди дека Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.16/98 од 20 јануари 1999 година ги укина член 17 став 1 точка 31 и член 29 став 1 точка 10 од Законот за локалната самоуправа, меѓу другото и заради тоа што функциите на единиците на локалната самоуправа главно се условени да бидат во согласност со закон, па произлегува дека единиците на локалната самоуправа односно нивните совети нема потреба да утврдуваат престапи и казни кога не се почитуваат прописите на единиците на локалната самоуправа бидејќи своите надлежности ги вршат во согласност со определени закони во кои се веќе предвидени казниви дела и санкции.

5. Имајќи го предвид фактот дека Судот ги укинал член 17 став 1 точка 31 и член 29 став 1 точка 10 од Законот за локалната самоуправа како несогласни со членовите 8 став 1 алинеја 4, 13, 14 став 1 и 98 став 2 од Уставот, Судот оцени дека нема материјална основа за натамошно опстојување на делот од оспорениот член од Законот. Имено, бидејќи единиците на локалната самоуправа не можат самостојно да одредуваат престапи и казни кога не се почитуваат прописите на единиците на локалната самоуправа произлегува дека е невозможно да имаат сопствени извори на приходи од казни за непочитување на прописите на единиците на локалната самоуправа.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.133/2000
6 декември 2000 год.
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов