148/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 6 декември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за донесување на урбанистичка документација за населените места Кадино и Мралино, донесена од Советот на Општината Илинден на 30 декември 1998 година, објавена во “Службен гласник на Општина Илинден” бр. 6/99.

2. Владо Георгиевски со уште тројца граѓани од село Мралино, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката означена во точка 1 од ова решение, затоа што оспорената одлука не била донесена во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање, бидејќи не била спроведена јавна анкета и не била издадена согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука која содржи вкупно 25 членови се донесува урбанистичка документација за населените места Кадино и Мралино, при што, уреденото подрачје за тие населени места се утврдува со графички приказ кој е составен дел на Одлуката и опфаќа 229,5 хектари. Со Одлуката се уредени: намената на површините со граници на опфатот, основната сообраќајна мрежа и другата инфраструктура, условите и режимот за градба и слично.

Исто така, Судот утврди дека во одговорот на Советот на Општина Илинден, како доносител на оспорената одлука, со писмо бр. 07 – 543/2 од 10 ноември 2000 година, се наведуваат преземените дејствија и донесените акти што претходеле на донесувањето на Одлуката или се во функција на нејзиното реализирање и дека се доставени прилозите од документацијата што се однесуваат на Одлуката.

4. Урбанистичката документација за населено место во општината, согласно член 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр. 4/96, 8/96 и 18/99), е еден од видовите на урбанистичките планови.

Според член 12 став 1 од Законот, урбанистичка документација за населено место во општината се донесува за населено место од селски карактер, а според став 2 од овој член, урбанистичката документација, од став 1 од овој член, содржи особено: намена на површините со граници на опфатот, основна сообраќајна мрежа и друга инфраструктура, услови и режим за градба и соодветни графички прикази.

Урбанистичките планови, согласно член 17 став 1 од Законот, се изработуваат како нацрт и предлог на план. По нацртот на урбанистичката документација за населено место во општина, според став 3 од овој член, се спроведува јавна анкета, која според став 4 од овој член на Законот, ја организира општината.

Според член 18 став 1 од Законот, јавната анкета се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови, до организаторот на анкетата. Според став 2 на овој член од Законот, за времето и местото каде ќе биде изложен планот, задолжително се објавува соопштение во јавните гласила, а според став 3 на овој член од Законот, за јавната анкета министерството надлежно за работите на урбанизмот, изготвува извештај со образложение за неприфа-тените забелешки, кој се доставува заедно со предлогот на планот на усвојување. Со измените на Законот од 1999 година, овој извештај го изработува општината.

Урбанистичката документација за населено место во општината, согласно член 22 став 3 од Законот, ја донесува општината, а според став 6 од овој член, таа може да се спроведува по издавање на согласност од министерството надлежно за работите на урбанизмот. Со согласноста, според член 23 став 1 од Законот, се потврдува дека планот односно урбанистичката документација е донесена во согласност со одредбите на овој закон и прописите денесени врз основа на овој закон.

Тргнувајќи од содржината на наведените законски одредби, а имајќи предвид дека Нацртот на урбанистичката документација за населените места Кадино и Мралино утврден на седницата на Советот на 31 март 1998 година, е спроведена јавна анкета и тоа во Кадино во периодот од 4 до 20 мај, а во Мралино во периодот од 4 мај до 4 јуни 1998 година и дека по Одлуката за донесување на урбанистичка документација за населените места Кадино и Мралино донесена од Советот на Општината Илинден на 30 декември 1998 година е дадена согласност од Министерството за урбанизам и градежништво за нејзино спроведување, според мислењето на Судот, оспорената одлука е донесена согласно со Законот за просторно и урбанистичко планирање, поради што не го постави прашањето за нејзината согласност со овој закон.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловки, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У. бр. 148/2000
6 декември 2000 година
С к о п ј е
лк.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов