Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 ноември 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Уредбата за начинот и постапката за утврдување на вредноста на имотот кој е предмет на денационализација (“Службен весник на Република Македонија” бр.43/2000).
2. Петар Димовски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поденесе иницијатива за оценување уставноста на Уредбата означена во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата мерилата и критериумите утврдени во Уредбата, а врз основа на кои се утврдува проценката на вредноста на имотот кој согласно Законот за денационализација се враќа во сопственост или се дава надомест, не обезбедувале правичен надомест, еднаков на пазарната вредност и тоа посебно за станбено-деловните згради и градежното земјиште, поради што Уредбата не била во согласност со член 30 став 4 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Уредбата, со неа се пропишуваат мерилата, критериумите и начинот на утврдување на вредноста на имотот кој е предмет на денационализација. Во наредните членови од Уредбата посебно се утврдуваат мерилата и критериумите, како и методот на кој се утврдува, односно се врши проценка на поодделните видови на имотот и тоа на: станбени згради и станови, деловни згради и деловни простории, стопански објекти и капацитети, движен и недвижен имот од културно, уметничко и историско значење, движен имот, земјоделско земјиште, шуми, шумско земјиште, пасишта и утрини и на градежното земјиште.
Така, според членот 2 од Уредбата, вредноста на одземените станбени згради и станови кои постојат и кои не постојат се проценува според градежната вредност на овој имот на денот на одземањето зголемена за локациската погодност на денот на проценката, а според членот 3 пак, градежната вредност на овие станбени згради и станови и локациската погодност се утврдува според одредбите од Законот за продажба на становите во општествена сопственост, Уредбата за критериумите и начинот на утврдување на продажната цена на становите во општествена сопственост и Одлуката на Владата на Република Македонија за утврдување на вредноста на пресметковниот бод за проценка на станбените згради и станови кои се предмет на денационализација. Според ставот 3 од истиот член, за станбените згради и станови кои не постојат и за кои нема ниту основни податоци за градежните карактеристики, нивната вредност се определува преку методот на капитализација на заработувачка од закупнината, со податоци за закупнината во моментот на проценката,
за споредливи објекти и споредлива локација.
Според член 4, 5 и 6 од Уредбата, вредноста на одземените деловни згради и деловни простории и на станбено-деловните простории, се врши врз основа на истите мерила, критериуми и методи, кои се применуваат за проценка на вредноста на станбените згради и станови, со тоа што градежната вредност и локациската погодност на овој вид на објекти се проценува според Методологијата за проценка на деловниот простор сопственост на Република Македонија, како основа за утврдување висината на закупнината и посебната Одлука на Владата за утврдување на вредноста на пресметковниот бод за проценка на деловните згради и простории кои се предмет на денационализација.
Вредноста на градежното земјиште кое е предмет на денационализација, според член 14 од Уредбата, се проценува и надоместува според реонизацијата на зоните на градовите и населените места во Републиката, утврдени во графичкиот прилог (Табеларен преглед), кој е составен дел на Уредбата.
4. Според член 30 став 3 од Уставот, никому не можат да му бидат одзмени или ограничени сопстве-носта и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Во член 30 став 4 од Уставот, во однос на кој се оспорува уставноста на Уредбата, во целина, а посебно на нејзините делови
кои се однесуваат на проценката на вредноста на станбените и станбено-деловните згради и градежното земјиште, утврдено е дека во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надоместок кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот предвидува два основи односно можности за одземање или ограничување на правото на сопственост и правата кои произлегуваат од неа: јавниот интерес што мора да се утврди со закон и експропријацијата. Овие можности се во согласност со уставната определба според која сопственоста треба да служи за доброто, освен на поединецот, и на заедницата.
Меѓутоа, во случај на експропријација или во случај на ограничување на сопственоста, на сопственикот му се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност, а тоа значи дека со таквата уставна одредба е обезбедено целосно обештетување еднакво на она кое би го добил сопственикот ако слободно и по своја волја го оттуѓи имотот, што е предмет на експропријацијата.
Согласно член 1 од Законот за денационализација (“Службен весник на РМ” бр.43/2000-пречистен текст), со овој закон се определуваат условите и постапката за враќање на имотот и видот, условите и постапката за давање надомест за имот одземен во корист на државата.
Според член 2 од истиот закон, се враќа имот односно се дава надомест за имот на физички лица и на верски храмови, манастири и вакофи одземени од 2 август 1944 година и тоа врз основа на прописите со кои е вршено општо одземање и ограничување на сопственоста и врз основа на прописите за одземање на имот заради остварување на општо корисни цели, како и имот експропроиран заради остварување на општо корисни цели, односно општ интерес, ако не се исполнети условите за враќање на имотот според одредбите за експропријација како и за имот одземен без правна основа.
Освен овој имот, предмет на денационализација, е и имотот утврден во членовите 4 и 5 од Законот (имотот што државата го презела од сопствениците кои морале да го напуштат во текот на окупацијата и кој им е одземен од страна на окупаторот и неговите
помагачи, имот отстапен со изјава на волја дадена под закана и присилба и имот кој е одземен со конфискација).
Понатаму, во Законот за денационализација се утврдени условите и постапката под кои одземениот и другиот имот што е предмет на денационализација се враќа во сопственост или не се враќа во сопственост, а се дава надомест, со тоа што во член 10 од основниот текст односно член 12 од пречистениот текст на Законот утврдено е дека начинот и постапката за утврдување на вредноста на имотот во државна сопственост кој е предмет на денационализација, со пропис ги определува Владата на Република Македонија, а додека во член 37 став 2 пак е утврдено дека надоместокот што се дава за имот кој не се враќа, како и кога имотот не се враќа затоа што престанал да постои се определува според состојбата на имотот во моментот на одземањето согласно со Уредбата за процена на вредноста и утврдување надомест за денационализиран имот што ја донесува Владата на Република Македонија.
Од наведените законски одредби произлегува дека Законот за денационализација не се занимава со одземање или ограничување на правото на сопственост, но обратно, со него се определуваат условите и постапката за враќање на имотот, кој своевремено веќе бил одземен по различни основи од поранешниот сопственик и преминал во општествена, односно сега државна сопственост или до влегувањето во сила на овој закон право на сопственост на тој имот стекнало друго физичко или правно лице, со правно дело или одлука на надлежен орган (член 11 точка 1 од пречистениот текст на Законот). Од наведените причини оправдано е што во Законот не е вградена одредба според која надоместокот што се дава за имот кој што согласно одредбите на овој закон не се враќа во сопственост да не може да биде понизок од пазарната вредност, какво што решение, пак, е содржано во Законот за експропријација.
Или, со други зборови кажано, Законот за денационализација преставува мерка на државата со која се враќа во сопственост одземениот имот, а не се одзема по основ на експропријација, ниту се ограничува правото на сопственост, поради што и не може да стане збор дека Законот за денационализација отстапува од уставно гарантираното право на сопственост, ниту од гарантираниот праведен надоместок во овие случаи. Едноставно, Законот за денационализација не уредува случаи за кои се однесува членот 30 став 4 од Уставот.
Со оглед дека самиот Закон за денационализација не содржи одредба за тоа дека надоместокот што се дава за оддземен имот кој што не може да се врати во сопственост или како разлика за намалената вредност на недвижноста да не може да биде понизок од пазарната вредност, Судот смета дека такво решение не можело да се утврди ни во оспорената уредба, бидејќи таа претставува пропис со кој што Владата само може да го уредува извршувањето на законите, во конкретниот случај на Законот за денационализација, а не да утврдува други или поинакви права од оние кои се утврдени во Законот.
Од овие и другите напред наведени причини, а тргнувајќи од фактот дека оспорената Уредба е донесена врз основа на овластувањето од член 10 од Законот за денационализација (“Службен весник на РМ” бр.20/98 и 31/2000) кое овластување пак е во согласност со уставно утврдената положба и надлежност на Владата на Република Македонија, како и тоа дека Уредбата воопшто не го уредува прашањето за надомест на денационализираниот имот, но само начинот и постапката за утврдување на вредноста на имотот кој е предмет на денационализација, при што Владата се движела во рамките на Законот за денационализација, Судот оцени дека прашањето за согласноста на оспорената Уредба не може да се постави не само во однос на членот 30 став 4 од Уставот, од чиј аспект се оспорува, но и во однос на другите означени уставни и законски одредби.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.129/2000
29 ноември 2000 година
С к о п ј е
сд/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов