115/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 октомври 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 2 и 3 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за домување (“Службен весник на Република Македонија” бр.48/2000).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членовите 2 и 3 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што оспорените одредби не биле во согласност со член 8 алинеја 3 и член 112 став 3 од Уставот на Република Македонија. Според подносителот на иницијативата, оспорените одредби биле со слична содржина на оние претходно укинати со одлука на Судот, при што иста материја уредувале на идентичен начин.

3. Судот на седницата утврди дека во член 2 (со кој се додава нов член 10-а) од Законот е предвидено дека “Во случај кога одредено лице ќе се всели во стан без склучен договор за закуп или без друга правна основа, непосредниот, односно посредниот владетел има право да го врати правото на владение на станот со дозволена самопомош.

Под дозволена самопомош се подразбира правото на владетелот на станот да ја отстрани повредата на правото на владение: ако тоа е неопходно, опасноста од штетата е непосредна и поради тоа заштитата е нужна и доколку начинот на отстранување на повредата на правото на владение врз станот, одговара и соодветствува на начинот на кој што настанала повредата.

По барање на непосредниот, односно посредниот владетел на станот, дозволената самопомош може да се оствари во присуство на органот надлежен за внатрешни работи.

Правото на заштита на владението со дозволена самопомош се остварува во рок од 30 дена од денот на сознанието за повредата на владението и за сторителот на повредата, но не подоцна од една година од настанатата повреда на владението”.

Според член 3 став 2 од Законот, по истекот на времето за кое е склучен договорот, закуподавачот може да го поврати правото на владение на станот на начин утврден во член 10-а од овој закон.

4. Согласно член 8 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката претставува владеењето на правото.

Супстрат на овој принцип е правната сигурност на граѓаните претставена преку постоење соодветни механизми и инструменти преку кои граѓаните ќе може да уживаат, користат и располагаат со своите права. Тука секако спаѓа и правото (овластувањето) на законскиот имател на определено право на соодветна заштита од вознемирување, т.е. од незаконска узурпација на тоа право.

Едно од тие права, чија заштита и уставна гаранција е поместена во членот 30 од Уставот е правото на сопственост.

Во конкретниот случај, оспорената одредба го третира институтот на дозволена самопомош за заштита на непосредното, односно посредното владение на стан, во случајот кога одредено лице ќе се всели без склучен договор за закуп или без друга правна основа.

Со оглед на тоа што законските одредби го дефинираат станот како средина за домување (член 2 од Законот за домување – “стан е вкупноста на просториите наменети за домување што сочинуваат функционална градежна целина и имаат одделен влез”), оспорената одредба нужно упатува на членот 26 од Уставот кој ја гарантира неповредливоста на домот.

Според ставот 2 од истиот член, правото на човекот на неповредливост на домот може да биде ограничено единствено со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето.

Имајќи го горенаведеното предвид, јасно е дека уставниот поим за домот имплицира нужност за заштита на дом стекнат во сопственост или во владение на законски начин, а во никој случај стан во кој некое лице се вселило (ужива фактичка власт) без склучен договор за закуп или без друга правна основа.

Оспорената одредба нормира ситуација на заштита на непосредниот, односно посредниот владетел кој има право да го врати правото на владение на станот со дозволена самопомош во случај на незаконито вселување на лице во стан. Отсуството на законски склучен договор за закуп или друга правна работа која би го оквалификувало вселувањето како легално, доведува ваквото лице да е незаконски владетел на станот кој самовласно ужива одредено право (правото на владение и користење на станот). Незаконитото владение може да имплицира и постоење несовесност на страната на лицето бесправно вселено во стан, кое во случајот знае или со оглед на околностите може да знае дека станот не е негов.

Оттука, законодавецот со оспорената одредба предвидел заштита за владетелот на станот (законскиот) од нечие неправо, односно правната заштита и неповредливоста на домот (законски поседуваниот) ја дополнил со институтот на тн. дозволена самопомош во граѓанско-правна смисла.

Имено, дозволената самопомош е исклучок од правилото на правна заштита на правата (која се остварува пред надлежни органи и во соодветна постапка) поради што нејзината примена треба да е рестриктивна, под стрикно утврдени услови и рокови.

Дозволената самопомош е институт на граѓанското право, нормиран со Законот за основните сопственосно-правни односи (“Службен лист на СФРЈ” бр.6/80; 36/90) и Законот за облигационите односи (“Службен лист на СФРЈ” бр.29/78, 39/85, 57/89).

Така, согласно член 76 од Законот за основните сопственосно правни односи, држателот има право на самопомош против оној што неовластено го вознемирувал во владеењето или му го одзел, под услов опасноста да е непосредна, самопомошта да е нужна и начинот на нејзино вршење да им одговара на приликите во кои постои опасност.

Според член 77, судска заштита од вознемирување, односно одземање на владението може да се бара во рок од 30 дена од денот на сознанието за смеќавањето и за сторителот, а најдоцна во рок од една година од настанатото смеќавање (спор поради смеќавање на владението).

Членот 162 од Законот за облигационите односи ја дефинира дозволената самопомош, како право на секое лице да ја отстрани повредата на правото кога непосредно се заканува опасност, ако таква заштита е нужна и ако начинот на отстранување на повредата на правото им одговара на приликите во кои настанува опасност.

Ако се спореди содржината на ставот 2 од оспорениот член 2 кој ја дефинира дозволената самопомош, забележителна е идентичноста во утврдувањето на условите под кои самопомошта (самозаштитата) правно е дозволена и прифатлива: доколку самозаштитата е неопходна и нужна; ако опасноста од штетата е непосредна, и доколку начинот на отстранување на повредата на правото на владение врз станот, одговара и соодветствува на начинот на кој што настанала повредата.

Притоа, во ставот 4 утврдени се и субјективен и објективен рок во кои оваа заштита може да се реализира: 30 дена од денот на сознанието за повредата на владението и за сторителот на повредата, но не подоцна од една година од настанатата повреда на владението.

Оттука, произлегува дека оспорената одредба ја нормира ситуацијата на враќање на стан во владение на непосредниот владетел, односно посредниот владетел во случај на безправно вселување на лице во станот. При тоа, ова враќање на владението може да се ефектуира само доколку се исполнети условите и во роковите изречно утврдени со оспорената одредба. Тоа значи дека и во овој случај на предвидување право на дозволена самопомош за владетелот на станот, законодавецот се придржува кон принципот за ексклузивна примена на овој вид заштита на правата, строго определувајќи ги условите за нејзина реализација. Само и единствено под тие услови и рокови, законскиот непосреден, односно посреден владетел ќе може самостојно да го заштити своето право (да го врати владението над станот) од туѓото неправо. Ваквото овластување претставува еден вид заштитна клаузула и средство за отстранување на можностите за вознемирување на нечие право и за почитување на обврската да се почитуваат правата на другиот.

Во ставот 3 е предвидено можното учество на органот надлежен за внатрешни работи. За разлика од веќе укинатата одредба која императивно налагаше претходно побарана помош од органот надлежен за внатрешни работи без водење управна, односно судска постапка, во овој случај законодавецот учеството на овој орган го сведува на слобода на диспозицијата на непосредниот, односно посредниот владетел, при што дозволената самопомош може да се оствари во присуство на органот за внатрешни работи, а по претходно барање. Ваквото учество (присуство) може да се толкува само во функција на обезбедување заштита на слободите и правата на граѓаните, заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните, како и одржување на јавниот ред и мир, како внатрешни работи дефинирани во член 1 од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/95, 57/97).

Што се однесува до второоспорената одредба од член 3 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за домување, таа во целост се однесува на претходната одредба и го овластува закуподавачот да го поврати правото на владение на опишаниот начин. Поради тоа, правната судбина на оваа одредба зависи и во целост одговара на онаа претходната.

Оттука, произлегува дека законодавецот не ја уредил оваа материја на идентичен начин како во претходниот случај, туку по интервенцијата на Судот постапил согласно неговиот став, на начин што ги определил условите и роковите за остварување на дозволената самопомош во случај на враќање на владението.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.115/2000
25 октомври 2000 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов