105/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 октомври 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 91 од Законот за средно образование (“Службен весник на РМ” бр.44/95, 24/96,34/96, 35/97 и 82/99).

2. Милош Величковски од Пробиштип на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 91 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Подносителот наведува дека учествувал на конкурс за именување на директор на средно училиште кое има ВД директор, а сеуште министерот не извршил именување, па така училиштето има ВД директор повеќе од 8 месеци.

Член 91 од Законот го оспорува затоа што во него не е регулирана ситуацијата кога не е именуван директор, ниту дали може да се именува ВД директор и колку трае таков мандат. Поради тоа бара Судот да покрене иницијатива до републичките органи да извршат измена на овој член со додавње на нов став (алинеја) со кој ќе се ограничи траењето на функцијата ВД директор на 1 – 2 месеци.

На крајот смета дека со овој член (кој што бирократски се применува) се повредени економските права – правото на секого под еднакви услови да му биде достапно работното место.

3. На седницата Судот утврди дека со член 91 од Законот се определува дека директорот е работоводен орган во училиштето (став 1); утврдени се условите за именување (став 2 и 3), дека го именува Министерот по мислење на Педагошкиот завод и одборот на училиштето (став 4) и дека директор на општинско односно училиште на град Скопје, се именува од надлежниот орган на единицата на локалната самоуправа.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи со Уставот и законите, како и за други прашања утврдени во тој член. Според оваа уставна одредба, Уставниот суд на Република Македонија не е овластен да покренува иницијативи за изменување и дополнување на законите, ниту да одлучува за примената на законите и другите прописи.

Со оглед на тоа што со иницијативата се бара Уставниот суд да покрене постапка за изменување и дополнување на член 91 од Законот за средно образование и да одлучува за неговата примена, за што Судот не е надлежен да одлучува, се одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.105/00
19 октомври 2000 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов