92/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 септември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 3 став 1 и 2 и член 4 став 2 од Правилникот за определување на работното време во трговијата на мало, донесен од министерот за трговија (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/2000).

2. Тане Николоски од Охрид на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Правилникот означени во точката 1 од ова решение. Подносителот на иницијативата смета дека со утврденото работно време во малопродажните објекти е нарушено начелото на слободата на пазарот и претприемништвото односно дека се создадени можности за монополска положба на трговците кои во продажните објекти продаваат исклучиво дневен печат и билети за градски сообраќај и на трговците кои својата дејност ја обавуваат преку бензинските станици. Со ограничувањето на работното време на продажните објекти во кои се врши трговија на мало со непрехранбени производи од 08.00 до 23.00 часот односно до 24.00 часот во летниот период, а за време на празници и недела од 08.00 до 11.00 часот се ограничувала трговијата на производи и слободната конкуренција во продажните објекти (трафики) наспроти бензиските станици кои имаат неограничено работно време од 00.00 до 24.00 часот секој ден. Поради тоа Правилникот не бил во согласност со член 55 став 3 од Уставот.

Со оглед на тоа што за обесправените трговци можела да настане штета (изгубен профит) кој не можел да се надомести, во

иницијативата се бара Судот до конечното одлучување да донесе времена мерка со која ќе го стави вон сила оспорениот Правилник.

3. На седницата Судот утврди дека оспорениот Правилник е донесен врз основа на член 12 став 1 од Законот за трговијата според кој трговијата на мало на производи се врши во работно време што ќе го определи министерот за трговија.

Според член 3 став 1 од Правилникот, продажните објекти во кои се врши трговија на мало со непрехранбени производи можат да работат секој ден од 08.00 до 23.00 часот, а во летниот период работното време може да трае до 24.00 часот. За време на празници и недела истите можат да работат од 08.00 до 11.00 часот. Според ставот 2 на овој член, продажните објекти (трафики) во кои се врши трговија на мало исклучиво на дневен печат и билети за градски сообраќај можат да работат секој ден од 00.00 до 24.00 часот. Според член 4 став 2 од Правилникот, бензинските станици можат да работат секој ден од 00.00 до 24.00 часот.

4. Согласно член 55 став 3 од Уставот, слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Со Законот за трговијата се уредуваат условите и начинот на вршење на трговија.

Според член 12 од овој Закон трговијата на мало на произоди се врши во работно време што ќе го определи министерот за трговија. Според став 2 на овој член, трговецот кој врши трговија на мало на производи го определува работното време согласно со прописот од став 1 на овој член. Според став 3 на овој член, трговецот е должен да се придржува на работното време од став 2 на овој член.

Врз основа на ова законско овластување, министерот за трговија го донесол Правилникот за определување на работното време во трговијата на мало со кој се определува распоредот, почетокот и завршетокот на работното време во трговијата на мало.

Гарантираната слобода на пазарот и претприемништвото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката кој отвора широка можност за заживување на

стопанството и за приватната иницијатива во сите области на стопанскиот систем. Меѓутоа слободата на пазарот и претприемништвото не може да се свати исклучиво како приватна работа на субјектите на пазарот бидејќи и државата како гарант на оваа слобода има значајна улога како регулатор на економските текови во стопанството. Оттука, определувањето на почетокот и завршетокот на работното време во трговијата на мало е во функција на обезбедување на јавниот ред и во никој случај не претставува ограничување на слободата на пазарот и претрпиемништвото, ниту пак со тоа се создаваат услови за монополска положба на поедини субјекти на пазарот.

Што се однесува до тврдењето во иницијативата дека со оспорените одредби од Правилникот се создава нееднаквост помеѓу продажните објекти (трафики) и бензиските станици, Судот оцени дека не станува збор за нееднаквост и за создавање монополска положба бидејќи природата на дејноста што тие ја објавуваат е различна. Имено, основна дејност на бензиските станици е продажба на нафта и нафтени деривати, а на продажните објекти (трафики) дејноста им е исклучиво продажба на денвен печат и билети за градски сообраќај. Имајќи ја предвид потребата на граѓаните од овој вид стока, работното време на овие објекти е определено од 00.00 до 24.00 часот секој ден. Другите продажни објекти (трафики) кои имаат поширок асортиман на непрехранбени производи, според Правилникот имаат ограничено работно време. Дали во бензиските станици и во трафиките кои треба да продаваат исклучиво дневен печат и билети за градски сообраќај се продаваат и други производи е фактичко прашање за кое Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека нема основа да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Правилникот со членот 55 од Уставот.

5. Во врска со барањето од иницијативата Судот до конечната олука да донесе решение за запирање на дејствијата кои произлегуваат од оспорениот Правилник, Судот оцени дека барањето не треба да се прифати, со оглед на тоа што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Правилникот со Уставот.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.92/2000
27 септември 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов