70/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 септември 2000 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 5 од Одлуката за преземање на вршење на комуналните дејности во општина Кичево и Другово, донесена од Владата на Република Македонија на 28 декември 1998 година (“Службен весник на РМ” бр.63/98).

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавување во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со решение У.бр.70/2000 од 5 јули 2000 година по повод поднесена иницијатива на Мирко Мишкоски – градоначалник на општина Кичево поведе постапка за оценување уставноста на оспорениот член од одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што тоа не било во согласност со член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека Владата на Република Македонија врз основа на член 40 од Законот за комуналните дејности и член 46 став 3 од Законот за Владата на 28 декември 1998 година ја донела оспорената одлука.

Во член 1 од Одлуката е предвидено дека со оваа одлука Владата на Република Македонија ја презема грижата за вршење на комуналните дејности – 100310 – производство и дистрибуција на вода за општините Кичево и Другово.

Во член 2 од Одлуката е предвидено дека со донесување на оваа Одлука Владата на Република Македонија ќе презема активности за именување и разрешување на органите на управување и раководење на ЈП “Комуналец” – Кичево.

Во член 3 е предвидено дека вршењето на комуналните дејности од член 1 на оваа одлука Владата на Република Македонија ќе ја врши на товар на средствата на буџетот на општината.

Во член 4 е предвидено дека со оваа одлука престанува да важи Одлуката на Владата од 16 ноември 1998 година објавена во “Службен весник на РМ” бр.58/98.

Во член 5 е предвидено дека оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен весник на РМ”.

5. Според член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Имајќи ја предвид наведената уставна одредба произлегува дека законите и другите прописи не можат да влезат во сила пред да бидат објавени.

Со оглед на тоа што во член 5 од оспорената одлука е предвидено дека таа влегува во сила со денот на донесувањето на 28 декември 1998 година а е објавена на 30 декември 1998 година, Судот утврди дека оспорениот член не е во согласност со Уставот и одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

5. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.70/2000
27 септември 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов