5/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на
Република Македонија и член 11 и 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на
Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на
седницата одржана на 27 септември 2000 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за донесување на измени и дополнувања на
Деталниот урбанистички план на МЗ “9-ти Ноември” – Велес, донесена од Советот
на Општина Велес, на 10 април 1998 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во
“Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.5/2000 од 14
јуни 2000 година, поведе постапка за оценување законитоста на Одлуката означена
во точката 1 на оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината
согласност со член 22 став 6 и 7 од Законот за просторно и урбанистичко
планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96, 28/97 и 18/99).

4. Судот на седницата утврди дека врз основа на Одлуката за
организирање и спроведување јавна анкета по Нацрт измените и дополнувањата на
Деталниот урбаниситички план МЗ “9-ти Ноември”, јавната анкета е спроведена
со излагање на планот во просториите на Општина Велес и тоа според
соопштението за спроведувањето на јавната анкета за времето од 12 јануари до 26
јануари 1998 година надлежниот орган – Подрачната единица за урбанизам во
соработка со главниот архитект на Велес по одржаната стручна консултација,
изготвил извештај за спроведената јавна анкета.

Понатаму Судот утврди дека на оспорениот план е изврашена стручна
ревизија од овластена организација АД Завод за урбанизам и станбено комунална
техника на Република Македонија – Скопје.

Меѓутоа, Судот, исто така, утврди дека Министерството за урбанизам и
градежништво нема дадено согласност за спроведување на Планот.

5. Согласно членот 22 од законот деталните урбанистички планови можат
да се спроведуваат по издавање на согласност од Министерството надлежно за
работите на урбанизмот, а плановите за кои не е издадена ваквата согласност
според оваа одредба се сметаат дека не се донесени.

Со оглед на тоа што согласноста за спроведување на урбанистичките
планови е дел од постапката пропишана со Законот за донесување на
урбанистичките планови, а во случајов таквата согласност од надлежниот орган за
урбанизам не е дадена на оспорениот план, Судот оцени дека Одлуката не е во
согласност со Законот и одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-
р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р
Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р
Јосиф Талевски

У.бр.5/2000
27 септември 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов