Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 септември 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на
а) член 8 точка 5 од Законот за обезбедување на лица и имот(“Сл.весник на РМ” бр.80/99) и
б) член 4 став 2 точка 6 од Законот за детективска дејност (“Сл.весник на РМ” бр.80/99).
2. Македонскиот полициски синдикат, застапуван од Воислав Зафировски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на законите означени под а) и б) во точката 1 на ова решение. Според наводите во иницијативата оспорените одредби од законите не биле согласни со Уставот на Република Македонија затоа што добивањето на лиценца за извршување на работи и работни задачи од областа на обезбедување лица и имоти или за вршење на детективска дејност го условувале со двегодишен период на апстиненција од вршењето на овие дејности во органите на државната управа.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 8 точка 5 од Законот за обезбедување на лица и имот е предвидено во последните две години пред да добие лиценца за работа лицето да не извршувало работи и задачи од областа на безбедноста и одбраната во органите на државната управа како: овластено службено лице или на посебни работни места согласно со прописите од областа на разузнавањето или работни места од член 123 од Законот за одбрана.
Исто така, согласно член 4 став 2 точка 6 од Законот за детективска дејност лиценцата за вршење на детективска дејност ја издава Министерството за внатрешни работи на лице кое, покрај општите услови за засновање на работен однос определени со закон, во последните две години пред да добие лиценца за работа не извршувало работи и задачи во областа на безбедноста и одбраната во органите на државната управа како: овластено службено лице или на посебни работни места согласно со прописите од областа на внатрешни работи, работни места на определени должности согласно со прописите од областа на разузнавањето или работните места од член 123 од Законот за одбрана.
4. Согласно член 32 став 2 од Уставот секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Како што се гледа од оваа одредба Уставот при предвидувањето на достапноста на секое работно место, не ги предвидува ниту општите ниту посебните услови што треба да ги исполнува граѓанинот, туку употребува општ поим услови кои треба да бидат еднакви.
Исто така, според член 7 став 1 од Законот за работните односи, работен однос може да заснова секое лице кое ги исполнува општите услови утврдени со овој и друг закон и посебните услови утврдени со закон, колективен договор и акт на работодавецот.
Од оваа одредба произлегува дека утврдувањето на посебните услови при засновањето на работниот однос законодавецот препушта да се изврши со закон, што во случајов е сторено со оспорените закони.
Имајќи го предвид изнесеното, неспорно е дека законодавецот е овластен да ги предвидува посебните услови што треба да ги исполнува лицето при засновање на работен однос, па во тој контекст во Законот за обезбедување лица и имоти и Законот за детективска дејност, предвидел како посебен услов за добивање лиценца за работа во областа на безбедноста и одбраната на државната управа, односно за вршење на детективска дејност, лицето во последните две години да не извршувало работи и работни задачи од тој карактер.
Со предвидувањето на вакви, условно речени ограничувачки норми, Судот смета дека всушност се спречуваат евентуалните конфилктни економски и морални интереси на граѓанинот, поради што Судот смета дека оспорените одредби не би требало да се опсервираат од аспект на попречување на правото на граѓаните на достапност на работните места под еднакви услови и дека доколку ваквото законско ограничување не би постоело, граѓаните би можеле да бидат доведени во состојба, некој кој има неограничен број податоци за нив, а поседува лиценца, приватно да обавува детективска дејност или дејност од областа на заштитата на луѓето и имотот, да може наместо да ги брани нивниот имот, живот, слобода и другите со Устав загарантирани права, да брани друг интерес злоупотребувајќи ги тие податоци.
Меѓутоа и покрај можноста за настапувањето на евентуалните конфликтни интереси, законодавецот сепак не предвидува воопшто забрана за добивање лиценца за вршење на работи и задачи од областа на безбедноста и одбраната во органите на управата, туку лиценцата ја условува само со апстиненција на лицето од овие работи за период од две години пред добивањето на истата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.33/2000
27 септември 2000 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов