48/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 20 септември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката на Владата на Република Македонија за определување на услови за градба за објектот “Дробилична постројка, сепарација, бетоњера и контејнери како придружни објекти”, што ќе служат за површинска експлоатација на варовник од лежиштето “Градиште” што треба да се гради во Општината Велешта (“Службен весник на РМ” бр.13/98).

2. Советот на Општина Лабуништа и Здружението на еколози “Еко-Лаб” од Лабуништа на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение, поради повеќе причини.

Се смета дека одлуката не е во согласност со член 17 алинеја 23 од Законот за локалната самоуправа, затоа што општината не била консултирана пред донесувањето на одлуката; дека одлуката не е во согласност и со член 17 алинеја 27 од Законот за локална самоуправа, затоа што според таа законска одредба општината имала определени права односно овластувања врз природните богатства на своето подрачје во согласност со закон, а со одлуката тоа право не е почитувано; дека објектот предвиден за градба со одлуката не е јавен интерес на Република Македонија туку се работи за објект чија изградба му се дава на приватен инвеститор. Притоа, бидејќи се работи за експлоатација на природно богатство, се смета дека одлуката не можела да го определеува инвеститорот односно корисникот на природното богатство без да се спроведе конкурсна постапка во која би се утврдил најповолниот понудувач; се укажува дека на истата локација се наоѓа извор кој општината планирала да го искористува за снабдување со вода на населбите во тој крај, а освен тоа со копот се загрозува безбедноста и на регионалниот пат Струга – Дебар, како и околните имоти

поради одрони на камења и лизгање на земјиштето; дека со копот се загрозува растителниот и животинскиот свет и дека има индиции дека на тоа подрачје се наоѓа археолошки локалитет.

Едновремено се бара Судот да го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорената одлука.

3. На седницата Судот утврди дека оспорената одлука е донесена врз основа на член 34 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на РМ” бр.4/96), а во нејзината точка 1 е предвидено дека со неа се определуваат услови за градба на објектот “Дробилична постројка, сепарација, бетоњера и контејнери како придружни објекти”, што ќе служат за површинска експлоатација на варовник од лежиштето “Градиште” што треба да се гради во Општина Велешта, м.в. Калиште, од КП.бр.1770, катастарска култура пасиште 5 класа и КП.бр.1460 катастарска култура шума 4 класа, земјиште сопственост на Република Македонија – сегашен корисник шумско стопанство “Јабланица” од Струга, а инвеститор е ППУП со увоз – извоз “Влаши” од с. Велешта и се определува земјиштето кое му припаѓа на објектот за негова редовна употреба”.

Во точката 2 е определено дека составен дел на одлуката е графичкиот прилог – ситуација М 1 : 2500, кој не се објавува, а се наоѓа во Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина.

Во точката 3 е утврдено дека одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во “Сл. весник на РМ”.

4. На седницата Судот утврди дека според член 34 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на РМ” бр.4/96), по исклучок за простори вон населено место за кое е донесен просторен план или во населено место за кое е донесен генерален урбанистички план, а не е донесен детален урбанистички план, услови за градба на објект од јавен интерес утврден со закон или за стопански објекти од значење за Републиката можат да се определат со акт на Владата на Република Македонија.

Овој член од Законот е избришан со член 13 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на РМ” бр.18/99), така што за вакви одлуки на Владата веќе нема правен основ. Но, со оглед на тоа што оспорената одлука е донесена во време на неговото важење, тој претставува основ за оценка на нејзината законитост.

Понатаму, според член 2 став 1 алинеја 6 од Законот за експропријација (“Службен весник на РМ” бр.33/95 и 20/98) од јавен интерес утврден со закон е, меѓу другото, и изградбата на објекти и постројки за истражување и експлоатација на рудни и други природни богатства.

Во членовите 56, 57 и 66 од Законот за геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини (“Службен весник на РМ” бр.18/88) кој важел во времето на донесувањето на оспорената одлука, а неговата важност престанала со влегувањето во сила на Законот за минерални суровини (“Службен весник на РМ” бр.18/99) било определено дека експлоатацијата на минерални суровини на определено експолатационо поле се врши со одобрение кое го издавало Министерството за стопанство по барање на рударска организација. Притоа, покрај потребната документација и проект, во постапката за издавање на одобрение било потребно да се побара и мислење од органот на општината.

Во член 17 точка 23 од Законот за локалната самоуправа е предвидено дека единиците на локалната самоуправа самостојно, помеѓу другото, покренуваат иницијативи, даваат мислење и предлози за развој на мрежата на установи од областа на културата, спортот, социјалната и детската заштита, предучилишното образование, основната здравствена заштита, заштитата на животните и билките, заштитата и унапредувањето на животната средина, како и во други области од значење за интерсите на граѓаните. Во точката 27 пак, е предвидено дека тие вршат одделни овластувања врз добрата од општа употреба и врз природните богатства на своето подрачје во согласност со закон.

Судот исто така утврди дека за земјиштето на кое се однесува оспорената одлука постои само просторен план на општината и дека не е донесен детален урбанистички план, како и дека земјиштето е во државна сопственост.

5. Разгледувајќи ја оспорената одредба во контекст на изнесената фактичка и правна состојба, како и на наводите во иницијативите, Уставниот суд оцени дека за одлучувањето е нужно да се разграничат правната природа на оспорената одлука и на

постапката за издавање на одобрение за експлоатација на означениот експлотационен простор.

Оспорената одлука претставува акт кој е донесен во рамките на Законот за просторното и урбанистичко планирање и со неа се решаваат урбанистичките услови за градење на определен објект, кој служи за експлоатација на варовникот како минерална суровина, но не и прашањето дали постојат услови за таква експлоатација односно услови тоа да се одобри. Ова прашање, од друга страна, се решава со поединечни акти на надлежното министерство кое, според означениот Закон за геолошки истражувања и експлотација на минерални суровини, одлучува за издавање одобрение за таква експлоатација. Оттука, Судот утврди дека, иако и постапката за донесување на оспорената одлука и постапката за издавање на одобрение за експолоатација на варовникот се поврзани со оглед на крајниот ефект, сепак, критериумите за оценка на законитоста на оспорената одлука како општ акт лежат во Законот за просторно и урбанистичко планирање, а не во Законот за геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини.

Тргнувајќи од тоа Судот ја оценуваше оспорената одлука првенствено од аспект на содржината на означениот член 34 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, кој поставува два услови за нејзино донесување: прво, дека таа односно таква одлука може да се донесе само ако се однесува за простори вон населено место за кое е донесен просторен план или во населено место за кое е донесен генерален урбанистички план, а не е донесен детален урбанистички план и второ, ако се работи за градба на објект од јавен интерес утврден со закон или за стопански објекти од значење за Републиката.

Имајќи предвид дека експлоатацијата на природните богатства, во кои несомнено спаѓаат и минералните суровини, е утврден како јавен интерес со Закон за експропријација, што подразбира и одземање на правото на сопственост заради остварување на тој јавен интерес (се разбира со надоместок), Судот оценува дека тој законски јавен интерес е релевантен и во контекстот на член 34 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, а дотолку повеќе во конкретниот случај затоа што се работи за земјиште во државна сопственост. Исто така, неспорно е дека за просторот на кој се однесува оспорената одлука постои само просторен план. Поради тоа, Судот оцени дека и двата услови од означениот член 34 од Законот се исполнети, поради што не може да

се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со оваа законска одредба.

6. Во поглед на наводите во иницијативите дека оспорената одлука не е во согласност со член 17 точка 23 и 27 од Законот за локалната самоуправа, Судот оцени дека, иако е неспорно дека според тие законски одредби општината е овластена да покренува иницијативи за различни прашања и може да има одделни овластувања врз природните богатства во согласност со закон, донесувањето на оспорената одлука не е условено со определено учество на органите на единиците на локалната самоуправа. Како што веќе е изложено, оспорената одлука има урбанистичка природа и не навлегува во одлучување за експлотација на природните богатства. Од друга страна, неспорно е дека општината може да има, а според Законот за геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини и имала овластување да даде свое мислење во постапката за издавање на одобрение за експлотација на варовникот, но евентуалната повреда на тоа право од страна на надлежното министерство може да биде основ за оспорување на поединечниот акт за издавање на одобрение, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

Во ист контекст Судот ги оценуваше и останатите наводи во иницијативите кои се однесуваат на еколошките и археолошките импликации на експлоатацијата на предметниот простор, како и на отсуството на конкурсна постапка за доделување на просторот за екплотација, и утврди дека и тие се однесуваат на законитоста на одобрението за експлотација и претходните одобренија за истражување како поединечни акти за чија уставност Судот не е надлежен да одлучува. Нивното извршување односно забраната на нивното извршување исто така не е во рамките на надлежноста на Уставниот суд, туку на други со закон овластени органи.

Врз основа на изнесеното, Уставниот суд одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Со оглед на тоа што Судот одлучи да не поведе постапка за оценување законитоста на оспорената одлука, не се исполнети условите Судот да одлучува за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорената одлука.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.24 и 48/2000
20 септември 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов