Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Усатавот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.70/92) на седницата одржана на 20 септемаври 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. Се отфрла иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за воведување на местен самопридонес за изградба на две трафостаници за појачување на електрична енергија и фекална канализациона мрежа во с. Карпош во должина од 30,131 м., донесена од Советот на месната заедница “Козјак” – с. Карпош, на 28 декември 1995 година, а објавена во “Службен гласник на општина Куманово. бр. 5 и 6/96.
2. Трајче Младеновски од Куманово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа решение.
Според наводите во иницијативата оспорената одлука не била во согласност со Уставот и законите (не се наведува конкретно со кој член од Уставот и со кои закони) затоа што со оваа одлука бил воведен местен самопридонес еднаков за сите граѓани – обврзници на овој самопридонес во вкупен износ од 1.800 германски марки, во денарска противредност, без при тоа да се води сметка за способноста на обврзниците за поднесување на оваа обврска, односно за нивните материјални можности, со што се задирало во елементарните права на граѓаните загарантирани со Уставот и законите.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се предвидува воведување на местен самопридонес за изградба и ставање во функција на две трафостаници за појачување на електрична енергија, како и изградба на фекална канализација во с. Карпош, изградба на фекална канализација на Крак МЗ “Козјак” – ул. Никола Тесла” и дел од кракот МЗ “Козјак” – с. Проевце, а се во должина од 30.131 м. Самопридонесот се воведува за време од 36 месеци, а обврзници на самопридонесот се граѓаните кои имаат живеалиште во с. Карпош, освен реон “Ливаде” и “Дутев Чифл’к” и граѓаните и правните лица кои имаат недвижен имот на тоа подрачје, а не се жители, односно без разлика дали седиштето на правното лице им е во или надвор од тоа подрачје.
Износот на самопридонесот за секој обврзник е утврден во вкупен износ од 1.800 германски марки, во денарска противредност, а предвидено е да се плаќа во 36 еднакви месечни рати од по 50 германски марки во денарска противредност, почнувајќи од 1 јануари 1996 година па секој нареден месец, со тоа што месечната рата треба да се плати во текот на месецот. Во Одлуката е утврдена и можност целокупната сума од 1.800 германски марки да се уплати веднаш по применување на одлуката или во помал број на рати порано, а во никој случај покасно од одредениот рок за одредена рата.
Инаку, референдумот за воведување на самопридонесот, според Одлуката за распишување на референдумот за воведување на самопридонесот, донесена од Советот на МЗ “Козјак” на 17 ноември 1995 година, бил одржан на 24 декември 1995 година.
4. Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата, меѓудругото, и ако постојат други процесни пречки за одлучувањето по иницијативата.
Со оглед дека оспорената одлука е донесена во декември месец 1995 година, а се применува од 1 јануари 1996 година, а обврската за плаќање на местен самопридонес е воведена за време од 36 месеци (3 години) од нејзиното применување, според мислењето на Судот оваа одлука е од времен карактер и истата со истекот на рокот од 3 години, за кое време е воведен самопридонесот, престанала да важи и да се применува заклучно со јануари 1999 година, кога престанала и обврската за прибирање на средствата по основ на оваа одлука.
Имајќи го предвид наведеното, како и фактот дека иницијативата е поднесена во време кога оспорената одлука престанала да важи, односно повеќе не постои во правниот поредок, Судот утврди дека, согласно член 28 од Деловникот, а и досегашната уставно-судска практика во исти случаи, во конкретниот случај постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, поради што одлучи истата да ја отфрли, односно да не се впушти во оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука.
5. Во врска со наводите во иницијативата со кои подносителот го моли Уставниот суд “што побргу да го даде своето мислење, бидејќи во спротивно можат да настанат непоправливи последици”, кои што наводи упатуваат на тоа дека е можно во конкретниот случај да се водат постапки за присилна наплата на стасаните, а се уште неуплатените обврски од страна на одделни граѓани – обврзници на овој самопридонес, според Судот оваа околност не е од значење за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука со оглед дека начинот на плаќање на стасаните, а неуплатените побарувања по основ на самопридонесот и рокот на застареноста се прашања кои се уредени со Законот за општите начела на самопридонесот, а не со оспорената одлука, па отука и правото на присилната наплата на овие побарувања директно се реализира врз основа на член 21 од овој Закон, согласно општите прописи за даноците на граѓаните, а не врз основа на одлуката, чија примена, инаку, како што е веќе утврдено, е завршена заклучно со јануари 1999 година.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов, и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.64/2000
20 септември 2000 година
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов