106/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 септември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 8 став 1 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2000 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.86/99).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 8 од Законите за извршување на Буџетот на Република Македонија за 1997 (“Службен весник на Република Македонија” бр.71/96), за 1998 (“Службен весник на Република Македонија” бр. 67/97) и за 1999 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/99).

3. Ваит Пајковски и Фатмир Скендер од Дебар, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што во нив се пропишува надоместокот на трошоците до и од работното место оддалечено повеќе од 2,5 км да изнесува 900,00 денари, а не во висина на реално направените трошоци во случај кога на таа релација нема организиран јавен превоз, што значело дека Законите ги ставаат граѓаните во нееднаква правна положба и, со тоа, создаваат несигурност во правото и во владеењето на правото, поради што наведените законски одредби не биле во согласност со член 9 став 2 и со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

4. На седницата Судот утврди дека со член 8 став 1 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2000 година се предвидува надоместокот за превоз до и од работното место, по претходно дадена писмена изјава, да се исплатува само за вработените чие место на живеење е оддалечено над 2,5 км од работното место, но не повеќе од 900,00 денари.

Во член 32 став 5 од Уставот се определува дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваа, покрај другото, и со закон.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека законодавецот има уставен основ со закон да го уреди остварувањето на правата на вработените, па во тој склоп и да го избере критериумот врз основа на кој ќе ја определува висината на надоместокот за превоз (на пример, своите материјални можности).

При тоа, определувајќи право на секој кој живее подалеку од 2,5 км од работното место да добие 900,00 денари, Судот смета дека законодавецот всушност ја обезбедил еднаквоста и правната сигурност на вработените односно владеење на објективната правна мерка.

Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за несогласноста на член 8 став 1 од Законот извршување на Буџетот на Република Македонија за 2000-та година, со начелата на еднаквост и на правна сигурност односно владеењето на правото, па одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Што се однесува, пак, до наводите во иницијативата за неуставноста на одредбите од законите означени во точката 2 од ова решение, Судот утврди дека тие одредби престанале да важат на 31 декември 1997 , 1998 и 1999 година, поради што нема процесни претпоставки за нивното оценување, па, согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Судот, се одлучи како во точката 2 од ова решение.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Д-р Тодор Џунов, судиите Бахри Исљами, Д-р Никола Крлески, Олга Лазова, Д-р Стојмен Михајловски, Д-р Милан Недков. Д-р Јован Проевски, Бесим Селими и Д-р Јосиф Талевски.

У.бр. 106/2000
13 септември 2000 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов
љс./