77/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 септември 2000 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА Законот за остварување на предвремена пензија (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/2000, 41/2000 и 53/2000).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението У.бр.77/2000 од 12 јули 2000 година за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на Законот означен во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на повеќе субјекти – поединци, групи на граѓани или здруженија на граѓани (27), со Решение У.бр.77/2000 од 12 јули 2000 година поведе постапка за оценување уставноста на целината на законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

Истовремено, Судот ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорениот закон, до донесување на конечна одлука за уставноста на Законот, заради спречување да настанат тешко отстранливи штетни последици.

Собранието на Република Македонија, како доносител на оспорениот закон, не достави одговор на наводите содржани во решението за поведување на постапката.

4. На седницата Судот утврди дека со оспорениот закон се определуваат условите за остварување на предвремена пензија за вработените кај корисниците и единките-корисници на средствата од Буџетот на Република Македонија (член 1) и тие се најмалку 63 години живот (маж), односно 58,5 години живот (жена) и 20 години пензиски стаж и најмалку 35 години пензиски стаж (маж и жена) без оглед на годините на живот (член 2).

Во член 3 од Законот се определува пензиската основица на вработените на кои ќе им престане работниот однос врз основа на член 2 алинеја 1 од овој закон, а во член 4 од Законот се предвидува можност за доброволно заминување во предвремена пензија на вработениот кај корисниците од член 1 на овој закон.

Според член 6 од Законот, средствата за исплата на предвремена пензија остварена според овој закон се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија, а во член 8 од Законот се утврдува дека за спроведување на овој закон е надлежен Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија.

Во член 9 од Законот се предвидува можност за доброволно остварување на предвремена пензија на вработените во високото образование избрани во наставничко звање (доцент, вонреден професор или редовен професор) и на вработените во јавните научни установи избрани во научни звања (научен соработник, виш научен соработник или научен советник), а, според член 9-б од Законот, ако корисникот на предвремената пензија заснова работен однос или отпочне да врши самостојна дејност му се запира исплатата на предвремената пензија.

Во член 10 од Законот е определено дека овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а ќе се применува до 31 декември 2000 година.

5. Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони, а, според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Оттука, неспорно е правото на законодавецот да уредува прашања од сферата на работниот однос со закон, па во тој склоп и престанок на работниот однос.

Исто така, според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Оттука, неспорно е и правото на законодавецот, во склоп на социјалната сигурност и социјалното осигурување на граѓаните, со закон да уредува прашања во врска и со нивната пензија.

Но, од друга страна, според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба (став 1) и граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (став 2).

Според тоа, од сите напред изнесени уставни определби произлегува дека законодавецот, при остварувањето на правото со закон да уредува прашања во врска со работниот однос и неговиот престанок, како и со социјалната сигурност на граѓаните и пензиите како нивен дел, има уставна обврска граѓаните да ги стави во еднаква правна положба по наведените основи.

Тргнувајќи од таквите уставни определби, Судот утврди дека оспорениот закон не пропишува еднаква правна положба на граѓаните. Имено, Судот утврди дека предвидувањето, во член 1, Законот да се однесува само на некои вработени кај корисниците и единките – корисници на средствата од Буџетот на Република Македонија, а не на сите кои остваруваат средства од тој ист извор, значи дека Законот има нееднаков третман кон граѓаните кои се во иста општествена положба. Исто така, Судот утврди дека Законот има нееднаков третман кон граѓаните кои се во иста општествена положба и со содржината на член 4 од Законот (некој вработен кај корисник на средствата од Буџетот да може да бира дали ќе замине во предвремена пензија, а некој не), со содржината на член 9 од Законот (некои вработени во високообразовните и научни институции да остваруваат право на предвремена пензија, а некои не), како и со содржината на член 10 од Законот (имено, Законот да важи до 31 декември 2000 година и, со тоа, да се однесува на едни вработени, а не на сите вработени).

Понатаму, Судот утврди дека предвидувањето, во член 2 став 1 алинеја 1 од Законот, на мажите-вработени кај корисниците на средствата од Буџетот да им престане работниот однос со 63 години живот, а на жените-вработени кај корисниците на средствата

од Буџетот со 58,5 години живот, во ситуација кога тие имаат исти години пензиски стаж, значи нееднаков однос на Законот кон граѓаните по основ на пол. Исто така, Судот утврди дека Законот има нееднаков третман кон граѓаните со различен пол и со содржината на член 3 од Законот со оглед дека со него се предвидува различна висина (различен процент) на пензиска основица на мажите и жените (и едните и другите вработени кај корисниците на средствата од Буџетот) со исти години пензиски стаж, со што мажите се ставени во понеповолна правна положба. Што се однесува, пак, до содржината на другите законски одредби, Судот смета дека тие се во функција на напред наведените законски одредби и не можат самостојно да егзистираат во правниот поредок.

Имајќи го предвид изнесеното (содржината на оспорениот закон во неговата целина), од една страна, и паралелно со овој закон постоење на регулативата за работните односи и за пензискиот систем (Законот за работните односи и Законот за пензиското и инвалидското осигурување), во кои се содржани поинакви решенија за престанокот на работниот однос и за остварувањето на правото на пензија отколку во оспорениот закон, од друга страна, Судот утврди дека оспорениот закон не ја запазува уставната обврска за тоа граѓаните да бидат еднакво третирани и недискриминирани со закон.

Истовремено, со оглед дека на вработените кај корисниците на средствата од Буџетот, опфатени со оспорениот закон, им се менуваат правата од работниот однос и во врска со пензијата, а на другите вработени не, Судот оцени дека со тоа Законот создава правна несигурност и, преку неа која е составен дел на доминантноста на правото како објективно мерило над субјективната волја, го повредува владеењето на правото, што е темелна вредност на правниот поредок на Република Македонија според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Со оглед на тоа што мериторно се одлучи за уставноста на Законот, Судот оцени дека се елиминирани причините за останување на времената мерка, поради што одлучи како во точката 2 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.77/2000
13 септември 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов