Вовед
Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 13 септември 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на Решението за пренесување право на сопственост на недвижен имот од Република Македонија на општина Струга врз основа на спроведен делбен биланс бр.23-257/96, донесено од Владата на РМ на 8 февруари 2000 година (“Службен весник на РМ” бр.15/2000).
2. ДОО “Галеб” од Струга на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на решението означено во точката 1 од ова решение. Според наводите од иницијативата со наведеното решение извршен е делбен биланс помеѓу РМ и општината Струга. Притоа недвижниот имот означен како КП.бр.2228 објект Хотел “Плажа” со површина од 725 мкв и двор со површина од 1039 мкв и КП.2592/3 објект Хотел “Галеб” со површина од 3181 мкв и двор во површина од 9378 мкв, решено е да се запишат соодветно према процентуалното учество во изградбата на објектот од страна на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, Владата на Република Македонија и општина Струга. Наведениот имот е неприватизиран општествен капитал со кој управува поранешното ЈП “Галеб” од Струга кое до скоро преку припојување работеше во состав на РИК “Силекс” од Кратово во период од 1992 година до почетокот на јули 1999 година.
Со наведеното решение е повреден Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал бидејќи е извршено подржавување на општествениот капитал кој е создаван во правен систем во кој друг вид на сопственост кај стопанските правни субјекти не постоеше.
3. Судот на седницата утврди дека оспореното решение е донесено врз основа на член 3 став 1 од Законот за уредување на односите меѓу новите единици на локалната самоуправа и единиците на локалната самоуправа од кои произлегуваат (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/96).
Според точката И од ова решение делбениот биланс меѓу Републиката и општините се извршува со пренесување право на сопственост на недвижен имот од Републиката на Општина Струга. Во точката ИИ од Решението е определен имотот кој Републиката го пренесува правото на сопственост на Општината Струга, со точно назначување на објектите, катастарските општини и катстарските парцели, меѓу кои и на објектот Хотел “Плажа” и Хотел “Галеб” во Струга. Во точката ИИИ е предвидено дека запишувањето на правото на сопственост на недвижниот имот ќе го спроведе Републичката геодетска управа.
4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македоникја Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на општите акти со Уставот и законите.
Од содржината на оспореното решение произлегува дека ова раешение Владата го донела во спроведување на Законот за уредување на односите меѓу новите единици на локалната самоуправа и единиците на локалната самоуправа кои произлегуваат, односно по извршениот делбен биланс меѓу Републиката и општините. Според тоа со оспореното решение не се уредуваат сопставеносни права на општ начин туку преку конкретен однос Република-општина се пренесува правото на сопственост на определени објекти од Републиката на општината. Оттука, Судот смета дека оспореното решение не претставува општ акт во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија за чија уставност и законитост одлучува Уставниот суд.
Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе го отфрли барањето за оценување уставноста и законотиоста на оспорениот акт ако веќе еднаш одлучил за истата работа.
Со оглед на тоа што оспореното решение не е пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, како и тоа што оспореното решение било предмет на оценување на законитоста пред Уставниот суд на Република Македонија, при што по предметот У.бр.78/2000 од 21 јуни 2000 година, Судот го отфрли, барањето
за оценување законитоста на оспореното решение, се одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.104/2000
13 септември 2000 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов