87/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 јули 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 24 став 1 алинеја 2 од Статутот на Лекарската комора на Македонија (“Службен весник на РМ” бр.24/95).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 23 став 2, втората реченица во делот “претседателот на Комората” и член 24 став 1 алинеја 3 од Статутот на Лекарската Комора на Македонија и на член 4 став 3, во делот “во договор со претседателот на комората” од Статутарната одлука за изменување и дополнување на Статутот на Лекарската Комора на Македонија (“Службен весник на РМ”бр.36/2000).

3. Општинскиот одбор на докторите “Чаир” – Скопје, претставуван од прим. д-р Велимир Јовановски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение, од причина што истите не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, како одредби кои овозможувале концентрација на моќ во рацете на едно лице – претседателот на Комората.

При тоа, во иницијативата подносителот наведува дека оспорените одредби иако претходно веќе биле предмет на оценка на Судот, при што не била поведена постапка за оценување на нивната уставност, со подоцна донесеното решение У.бр.219/99 Судот го променил своето мислење во однос на карактерот на Комората – од здружение на граѓани – во институција од јавно-правен карактер, што претставува доволен основ за поинакво одлучување.

4. Судот на седницата утврди дека со член 23 став 2 (втора реченица) од Статутот на Лекарската комора на Македонија е утврдено дека седниците на Извршниот одбор ги свикува и нив ги раководи претседателот на Комората.

Согласно член 24 став 1 алинеја 2 и 3 од Статутот, претседателот на Комората ги потпишува актите што ги донесува Извршниот одбор и се грижи за нивно спроведување и ги свикува и ги води седниците на Извршниот одбор.

Со членот 4 став 3 од Статутарната одлука за изменување и дополнување на Статутот на Лекарската комора на Македонија (со кој се врши измена на членот 18) е утврдено дека седниците на Собранието на Комората ги свикува претседателот на Собранието, во договор со претседателот на Комората.

Покрај тоа, Судот утврди дека со Решение У.бр. 92/99 од 12 мај 1999 година Судот не поведе постапка за оценување на уставноста на член 18 став 3 и 4, член 23 став 2 втората реченица и член 24 став 1 алинеја 3 од Статутот на Лекарската Комора на Македонија, оспорени од истиот подносител и од истите причини. Во решението Судот изнел став дека Лекарската Комора на Македонија претставува самостојно и професионално здружение на лекарите поради што не може да се доведе во корелација со членот 8 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија, како темелна вредност која се однесува на поделбата на државната власт, а не и на здруженијата на граѓани. Со одредбите се уредувале внатрешни организациони прашања на Комората и со истите не се нарушувал принципот на владеење на правото утврден во член 8 алинеја 3 од Уставот.

5. Согласно член 8 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на државата.

Согласно член 110 став 1 алинеја 7 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.

Во член 1 од Статутот на Лекарската комора на Македонија е предвидено дека таа е самостојна и професионална организација на докторите по медицина, здружени заради заштита и унапредување на стручноста, етичките права и должности, за подобрување на квалитетот на здравствената заштита, за следење на односот на здравствените работници кон општеството и граѓаните, како и заради заштита на интересите на лекарската професија.

Оттука, според мислењето на Судот произлегува дека Лекарската Комора на Македонија претставува специфична асоцијација на определен професионален сталеж. Истата обединува специфична категорија граѓани, чија припадност зависи исклучиво од професијата која ја вршат (во случајот – лекарите). Поради општествената важност на специјализираната професија (лекарската), Комората претставува институција (асоцијација) која здружува лица кои во суштина имаат иста општествена положба, а која произлегува од истовидниот карактер на дејноста која ја вршат нејзините членови. Истата има јавно-правен карактер што произлегува од специфичниот карактер на дејноста која ја вршат нејзините членови, и како таква таа претставува стручно-професионална асоцијација на која не може да се примени уставната одредба која е ексклузивна само за државната власт – поделба на законодавна, извршна и судска.

Согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што Судот со решение У.бр.92/99 од 12 мај 1999 година веќе одлучувал за оспорените одредби, со исклучок на членот 24 став 1 алинеја 2 од Статутот, оцени дека не постојат основи за поинакво одлучување.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.87/2000
12 јули 2000 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов