Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 12 јули 2000 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 18-а став 2 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир (“Службен весник на Република Македонија” бр.27/72, 29/83, 51/88, 19/90 и 26/93), во делот “гроб или друго”.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со решение У.бр.32/2000 од 10 мај 2000 година поведе постапка за оценување уставноста на член 18-а став 2 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука затоа што се постави прашањето за неговата согласност со член 8 алинеја 8, член 9, 11 и 25 од Уставот.
4. На седницата Судот утврди дека во оспорената одредба е предвидено со казна затвор од 40-60 дена да се казни тој што на гроб или друго јавно место постави натпис, фотографија или подигне спомен обележје на лице кое го изгубило животот како непријател на НОБ или општествено политичкото уредување на Република Македонија.
5. Во член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот, како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, е утврден и хуманизмот.
Според член 9 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и се еднакви пред Уставот и законите.
Согласно член 11 став 1 од Уставот физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.
Во член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
6. Разгледувајќи ја оспорената одредба од законот во контекст на изнесените уставни одредби, Судот оцени дека таа, во делот со кој како казниво поведение го определува истакнувањето фотографија, натпис или спомен обележје на гробот на лицето што го изгубило животот како непријател на НОБ или на општествено-политичкото уредување, има импликации врз респектирањето на човечкото достоинство како уставна вредност што го проткајува уставниот концепт на човековите права и слободи. Според мислењето на Судот, изнесените уставни одредби, и не само тие, ја истакнуваат вредноста и неприкосновеноста на човечката личност како основа и смисла на гарантирањето на човековите права. Човечкото достоинство, во таа смисла, не е само едно од човековите права што изречно се препознава во член 25 од Уставот, туку и нивна претпоставка изразена во темелната вредност на хуманизмот во член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот.
Иако човечкото достоинство е вредност што во прв ред бара заштита кога се работи за живите луѓе, Уставниот суд смета дека неговиот досег секако ги опфаќа и умрените. Иако изразувањето на респектот кон умрените може да има различни нивоа и форми особено во јавната сфера, Судот смета дека елементарен услов за респект на човечкото достоинство е умрениот да биде погребан онака како што живите ги погребуваат умрените според важечките обичајни и правни правила, независно од нивните заслуги или гревови гледани од аспект на општествената заедница. Во исто време тоа го подразбира и правото на блиските (по било кој основ) на умрениот да не бидат попречувани да го погребат на вообичаен, би се рекло, достоен начин.
Во Република Македонија достојното или вообичаеното погребување, со одредени разлики во поглед на верската или националната припадност, подразбира и истакнување знаци, фотографии, натписи, обележја или надгробни споменици, што е изречно дозволено со член 10 од Законот за гробишта (“Службен весник на СРМ” бр.18/73).
Врз основа на изнесеното, Судот смета дека со тоа што оспорената одредба од Законот како казниво поведение го определува поставувањето на фотографија, натпис или спомен обележје на гроб на лице кое го изгубило животот како непријател на НОБ или на општествено-политичкото уредување на Република Македонија, се повредува елементарното достоинство на човекот преку ускратување на правото да биде погребан на начин како што се погребуваат умрените и се повредува, без основ, исполнувањето на моралната должност на неговите блиски да го погребат на таков начин, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.32/2000
12 јули 2000 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов