Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 јули 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 7 (7.1, 7.2 и 7.3) од Трошковникот за вршење на посебни геодетски работи за кои не се плаќа административна такса, донесен од Републичката геодетска управа од 21 јуни 1999 година.
2. Манчо Манчев од Кавадарци, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата предвидувањето да се наплатува надомест за извршена геодетска услуга претставувало воведување на административна такса, која, како таква, можела да се воведува со закон, а не со подзаконски пропис.
3. Судот на седницата утврди дека членот 7 од Трошковникот го уредува прашањето во врска со надоместот за вршење на геодетски работи при вештањето. Така, согласно член 7.1. од Трошковникот за извршување на судски и други вештачења по барање на Судот или друг орган за еден предмет кој го решава еден геодетски стручњак изнесува ….1.400,00 денари. Согласно членот 7.2. надомест за повикување на геодетско стручно лице за судска или управна расправа изнесува ……. 880,00 денари. Во членот 7.3. надомест за извршување на супер вештачења од страна на едно геодетско стручно лице од Републичка геодетска управа, а по барање на странката за еден предмет изнесува …… 2.500,00 денари.
4. Во однос на прашањето дали членот 7 од оспорениот трошковник е согласен со членот 241 од ЗПП, Судот смета дека не може да се постави прашањето за неговата законитост поради следното:
Согласно член 241 од Законот за парничната постапка вештакот има право на надомест на патните трошоци и на трошоците за исхрана и ноќевање, на надомест за загубената заработка и на трошоци за вештачење како и право на награда за извршеното вештачење.
Од содржината на наведената одредба од Законот се гледа дека истата содржи генерална клаузула која предвидува дека вештото лице има право на награда за извршената работа, односно вештачењето.
Членот 7, пак, од Трошковникот, согласно оваа генерална законска одредба, конкретно предвидел право на паричен надомест во различни износи во зависност од тоа дали вештачењето се врши по барање на Судот или друг орган за предмет што треба да го реши геодетски стручњак; дали вештачењето се врши од страна на геодетско стручно лице за судска или управна расправа или, пак, станува збор за супер вештачење.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот смета дека Републичката геодетска управа со предвидувањето надомест за вештачење, односно надомест за извршена работа, во оспорениот Трошковник, се движела во рамките на Законот за парничната постапка, во смисла што законот го предвидува правото на надомест за извршена работа, а Трошковникот само ја определува висината на тој надоместок за одделни услуги, односно извршена работа.
Во врска со прашањето за согласноста на член 7 од Трошковникот со член 33 од Уставот на Република Македонија во смисла што надоместокот за вештачење, иницијаторот го квалификува како административна такса, односно јавна давачка која, можела да се воведува со закон но не и со подзаконски акт, Судот оцени дека надоместокот за вршење на геодетски работи при вештачење не претставува административна такса, односно јавна давачка и дека во ситуација кога Уставот предвидува намирувањето на јавните давачки да се врши на начин утврден со закон, па во тој контекст Законот за парничната постапка, согласно оваа уставна одредба, во членот 241 став 1 со општа одредба предвидел вештакот да има право на надомест, меѓу другото, и на трошоците за вештачење како и право на награда за извршеното вештачење, не може да се заклучи дека Трошковникот, кој ја утврдува само висината на овој надомест, воведува јавна давачка.
Ова дотолку повеќе што и од насловот на оспорениот акт “Трошковник за вршење на посебни геодетски работи за кои не се плаќа административна такса”, недвосмислено произлегува дека овој трошковник всушност ги содржи цените за извршените услуги (дејности) од страна на геодетските стручњаци и дека овој надомест не може да се подведе под квалификативот “административна такса”.
Од овие причини, Судот смета дека не може да се постави прашањето за уставноста и законитоста на оспорениот член 7 од Трошковникот за вршење на посебни геодетски работи за кои не се плаќа такса.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.83/2000
12 јули 2000 година
С к о п ј е
сд/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов