70/2000-1-0

Вовед

Ustavniot sud na Republika Makedonija, vrz osnova na člen 110 od Ustavot na Republika Makedonija i člen 71 od Delovnikot na Ustavniot sud na Republika Makedonija (“Služben vesnik na Republika Makedonija” br.70/92), na sednicata održana na 5 juli 2000 godina, donese

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 5 од Одлуката за преземање на вршење на комуналните дејности во општина Кичево и Другово, донесена од Владата на Република Македонија на 28 декември 1998 година (“Службен весник на РМ” бр.63/98).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение во целина.

3. Мирко Мишкоски – градоначалник на општина Кичево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што тоа не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 9, член 115 став 2 од Уставот на Република Македонија и со член 18 став 1 од Законот за локалната самоуправа.

Имено Владата на Република Македонија оспорената одлука ја донела согласно член 40 од Законот за комуналните дејнсоти и го превзела вршењето само на комуналната дејност – 100310 – производство и дистрибуција на вода за општините Кичево и Другово со оглед на тоа што овие општини немаат склучено меѓусебна спогодба согласно член 9 од Законот за уредување на односите меѓу новите единици на локалната самоуправа и единиците на локалната самоуправа од кои произлегуваат (“Службен весник на РМ” бр.59/96).

Врз основа на оспорената одлука Владата дефакто врши надлежност и ја превзема грижата за вршење на комуналните дејности и со тоа ја нарушува уставната положба на единицата на локалната самоуправа.

Понатаму, според одлуката, Владата на Република Македонија превзела активности и именувала органи на управување и раководење на Јавното претпријатие “Комуналец” од Кичево кои раководат и управуваат со ЈП како целина, за кои ЈП е регистрирано, а не само за производство и дистрибуција на вода за општините Кичево и Другово.

Исто така, во членот 3 од одлуката е предвидено дека вршењето на комуналните дејности Владата на Република Македонија ќе го спроведува на товар на буџет на општината, меѓутоа, спорно е, бидејќи се работи за две општини на товар на чиј буџет тие се надоместуваат трошоците бидејќи во буџетот на општина Кичево не се предвидени средства за оваа намена.

Оспорената одлука не е во согласност и со член 52 од Уставот, затоа што е предвидено дека таа влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен весник на РМ”, односно таа стапила во сила пред објавувањето.

4. Судот на седницата утврди дека Владата на Република Македонија врз основа на член 40 од Законот за комуналните дејности и член 46 став 3 од Законот за Владата на 28 декември 1998 година ја донела оспорената одлука.

Во член 1 од Одлуката е предвидено дека со оваа одлука Владата на Република Македонија ја презема грижата за вршење на комуналните дејности – 100310 – производство и дистрибуција на вода за општините Кичево и Другово.

Во член 2 од Одлуката е предвидено дека со донесување на оваа Одлука Владата на Република Македонија ќе презема активности за именување и разрешување на органите на управување и раководење на ЈП “Комуналец” – Кичево.

Во член 3 е предвидено дека вршењето на комуналните дејности од член 1 на оваа одлука Владата на Република Македонија ќе ја врши на товар на средствата на буџетот на општината.

Во член 4 е предвидено дека со оваа одлука престанува да важи Одлуката на Владата од 16 ноември 1998 година објавена во “Службен весник на РМ” бр.58/98.

Во член 5 е предвидено дека оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен весник на РМ”.

5. Според член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Имајќи ја предвид наведената уставна одредба произлегува дека законите и другите прописи не можат да влезат во сила пред да бидат објавени.

Со оглед на тоа што во член 5 од оспорената одлука е предвидено дека таа влегува во сила со денот на донесувањето на 28 декември 1998 година а е објавена на 30 декември 1998 година, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со Уставот.

6. Според членот 8 од Уставот на Република Македонија како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени и владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и локалната самоуправ.

Во член 115 од Уставот е предвидено дека во единиците на локалната смоуправа граѓаните непосредно и преку свои претставници учествуваат во одлучувањето на прашања од локално значење во областите утрдени со Уставот и во други области утврдени со закон, а според ставот 2 на овој член, општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Устав и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката.

Во членот 4 став 1 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95), е предвидено дека единиците на локалната смоуправа се самостојни во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот, со овој закон и со друг закон, а според ставот 2 на овој член , не може да им се ограничи со акти на органите на Република Македонија, освен во случаите и под условите утврдени со закон во однос на законитоста на нивната работа, во согласност со Уставот.Во ставот 3 на овј член е предвидено дека Републиката врши надзор над законитоста во вршењето на работите, како и над наменското трошење на средствата во случаите кога на единиците на локалната самоуправа ќе им довери работи од надлежност на органите на државната управа.

Според, член 40 од Законот за комуналните дејности (основ за донесување на оспорената одлука на Владата) доколку општините, односно Градот Скопје во рок определен со закон, не ја склучат меѓусебната спогодба од член 16 од овој закон или не обезбедат вршење на комуналните дејности, Владата на Република Македонија ќе ја преземе грижата за вршење на комуналните дејности од член 3 точките 1, 2, 3, 4, 6 и 7 на овој закон на товар на буџетот на единицата на локалната самоуправа, на начин утврден со овој и друг закон.

Тргнувајќи од самостојноста на единицата на локалната самоуправа надлежностите утврдени со Уставот и со Законот, вршењето на работите не може да се ограничат со акт на органите на Републиката освен во случај и под услови утврдени со закон во однос на законитоста на нивната работа, во согласност со Уставот.

Имајќи го предвид наведениот исклучок законода-вецот предвидел дека доколку општините во рок од три месеци од конституирањето на советот на општината, односно изборот на гадоначалникот не ја склучат спогодбата од член 9 од Законот за уредување на односите меѓу единиците на локалната самоуправа и единиците на локалната самоуправа од кои произлегуваат, Владата на Република Македонија ќе ја преземе грижата за вршење на дејноста на комуналните јавни претпријатија, јавни установи и јавни организации, а особено именувањето и разрешувањето на нивните органи на управување и раководење.

Владата ја презема грижата за вршење на комуналните дејности кои се од битно значење за животот и работата на граѓаните и кога е доведено во прашање функционирањето на јавната служба, а со цел да се обезбеди јавниот интерес и заради организирање и ефикасно вршење на комуналните дејности и стопанисување со објектите од комуналната инфраструктура до воспоставување на функционирање на јавното претпријатие.

Со преземањето на грижата за вршење на комуналните дејности од страна на Владата не се повредува самостојноста на општината од причини што таа грижа Владата ја превзема само во исклучителни случаи и тоа ако општините не склучат спогодба или не го обезбедат вршењето на комуналните дејности од витално значење за граѓаните, и тој режим е од времен карактер, односно трае до воспоставување на функционирање на јавното претпријатие, поради што Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Уставот и со законот.

7. Во врска со наводот од иницијативата дека со одлуката не е прецизирано на чиј товар од буџетските средства ќе падне вршењето на комуналните дејности што го спроведува Владата, Судот смета дека ова прашање е од фактичка природа и Судот не е надлежен да одлучува.

Имено Владата во одлуката го презела законскиот термин дека вршењето на комуналните дејности паѓа на товар на единицата на локалната самоуправа без да наведе дали тие трошоци ќе паднат на товар на двете единици на локалната самоуправа или на единицата на локалната самоуправа која е осниовач на јавното претпријатие.

Со оглед на изнесеното, се одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.70/2000
5 јули 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов