Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 јуни 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 12 став 2 од Статутот на Здружението на пензионерите – Штип.
2. Илија Косевски и Стојче Симоновски од Штип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на оспорената одредба од актот означен во точката 1 од ова решение од причини што не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија.
Имено, со оглед на фактот што според оспорената одредба, претседателот на Собранието едновремено е и претседател на Извршниот одбор на Здружението, со истата се вршела кумулација на функциите Претседател на Собранието и претседател на Извршниот одбор што не било во согласност со уставното начело за поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Покрај тоа, со иницијативата се бара Судот да изврши анализа на ваквата состојба во здруженијата во државата, како веќе констатирана состојба.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорената одредба од Статутот на Здружението на пензионерите од Штип, претседателот на Собранието едновремено е и претседател на Извршниот одбор на здружението.
4. Според член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска е една од темелните вредности на уставниот поредок на државата.
Со член 20 од Уставот на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Тие слободно можат да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат. Програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост.
Согласно член 110 став 1 алинеја 7 од Уставот, Уставниот суд на РМ одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.
Со Законот за здруженијата на граѓаните и фондациите (“Сл.весник на РМ” бр.31/98) се уредува начинот, условите и постапката за основање, регистрација, работење и престанок на здруженијата на граѓани и фондациите.
Согласно членот 5 од Законот, здруженијата на граѓани и фондациите имаат статут, а според ставот 2 од истиот член, тие се самостојни во организирањето, остварувањето на своите цели, интереси и активности утврдени со статутот.
Според членот 20 од Законот, со статутот меѓу другото се уредуваат органите, начинот на нивниот избор и отповикување и нивниот меѓусебен однос.
Со членот 23 од Законот, е предвидено дека органи на здружението на граѓани се собранието и извршниот орган, со можност со статутот да се предвидат и други органи.
Во членот 25 од Законот предвидени се надлежностите на собранието на здружението на граѓани, а во член 30 – оние на извршниот орган. При тоа, Законот не содржи одредба со која се предвидува забрана, т.е. неможност за кумулирање на функциите претседател на собранието и претседател на извршниот орган во една иста личност.
Тргнувајќи од анализа на наведените уставни и законски одредби, а имајќи го предвид карактерот на Здружението на пензионерите како самостојно здружение на граѓани, Судот оцени дека со оспорената одредба, според која претседателот на Собранието едновремено е и претседател на Извршниот одбор на Здружението, се уредуваат прашања од внатрешната организациона поставеност на Здружението, што се уредени со Статутот, поради што истата не може да се супсумира под членот 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, кој како темелна вредност на уставниот поредок на државата се однесува на државната власт, а не и на здруженијата на граѓани.
Што се однесува до предлогот во иницијативата да се направи анализа на ваквата состојба во сите здруженија од страна на Уставниот суд (како институција која се грижи за правниот систем во државата), Судот смета дека е безпредметно да се расправа по истиот, како прашање кое излегува надвор од надлежностите на Судот утврдени во членот 110 од Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.41/2000
28 јуни 2000 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов