60/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 јуни 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на

а) Член 122 точка 6 под а) и в) од Кривичниот законик на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/96);

б) Член 6 став 1 од Законот за судовите (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/95 и 45/95) и

в) Законот за јавното правобранителство (“Службен весник на Република Македонија” бр.47/97).

2. Дејан Цанев од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на законите означени под а), б) и в) во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените одредби од Кривичниот законик биле несогласни со Уставот затоа што сите функционери и службени лица во судските органи се третирале како лица, односно органи со јавни овластувња, а според Уставот овие лица, односно органи не биле носители на јавни овластувања туку на судската власт. Оспорената одредба од Законот за судовите била несогласна со Уставот затоа што заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот пред судовите се изедначувала со заштитата на правата на другите правни субјекти. Законот за јавното правобранителство се оспорува затоа што во него правобранителството било третирано како орган на државата со јавно овластување, а во Уставот не било предвидено како такво.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 122 точка 6 од Кривичниот законик на Република Македонија како службено лице, кога тоа е означено како сторител на кривично дело се смета: а) избран или именуван функционер во Собранието на Република Македонија, во Владата на Република Македонија, во органите на државната управа, во судовите и другите органи и организации што вршат определени стручни, управни и други работи во рамки на правата и должностите на Републиката, во локалната самоуправа, како и лица кои постојано или повремено вршат службена должност во овие органи и организации и в) лице кое врши определени службени должноти врз основа на овластување дадено со закон или со други прописи донесени врз основа на закон”.

Исто така, Судот утврди дека согласно член 6 став 1 од Законот за судовите, судовите ги штитат слободите и правата на човекот и граѓанинот како и правата на другите правни субјекти доколку тоа според Уставот не е во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија.

4. Согласно член 14 став 1 од Уставот на Република Македонија, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека во казненото право основна одредница претставува начелото на законитост кое служи како гарант за правата и слободите на граѓаните од една страна и како гарант за остварувањето на казнената политика на земјата, вградена во нејзините казнени закони од друга страна.

Начелото на законитост во Република Македонија е подигнато на ранг на уставно начело. Ова начело ги содржи следните елементи: државата да ги прогласи како казниви дела поведенијата на човекот со кои се повредуваат или загрозуваат индивидуалните слободи и права, државата да ги определи на крајно прецизен начин битијата на казнивите дела, за секое казниво дело да пропише соодветна казна што е нужна и праведна и прецизно да ги одреди границите на казната и на другите санкции, државата стриктно да ги определи овластувањата на Судот и на другите органи во примената на казнено-правните норми, никој да не може да биде казнет за дело што пред да е сторено не било со закон пропишано како казниво дело, односно кон никој да не може да биде изречена казна што не е предвидена со закон.

Притоа, видовите на казни и нивната висина со Уставот не се определени туку е препуштено тие да се определат со закон, водејќи притоа сметка за член 54 став 4 од Уставот според кој ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правната одреденост на казнивите дела и казните.

Исто така, со Кривичниот законик се определени кривичните дела и нивните обележја, како и казните за нив, а со оспорените законски одредби само се определуваат одредени дополнителни критериуми со цел да ги појаснат обележјата на определени кривични дела.

Со оглед на тоа што со оспорените законски одредби се определуваат појаснувачки елементи за обележјата на одредени кривични дела со цел тие да бидат со закон правно одредени и одредливи, Судот оцени дека законодавецот постапил во смисла на член 14 и член 54 од Уставот, поради што не може да се постави прашањето за нивната уставност од овој аспект.

Во врска со одредбата од членот 6 став 1 од Законот за судовите која се оспорува затоа што во неа, при заштитата на слободите и правата, не се правела разлика меѓу човекот и граѓанинот, од една страна, и другите правни субјекти, од друга страна, Судот смета дека овој навод на подносителот на иницијативата е неоснован поради следново:

Познато е дека правно лице претставува организиран колектив на луѓе што има определен имот за остварување на определени цели и на кое во правниот поредок му е призанто својство на субјект во правото, односно способност да биде носител на права и обврски.

Исто така, познато е дека физичко лице претставува човек како субјект на правото, односно носител на права и обврски, па според тоа секој човек всушност е субјект во правото.

Од анализата на одредбата од член 6 став 1 од Законот според која судовите ги штитат слободите и правата на човекот и граѓанинот како и правата на другите правни субјекти, произлегува дека законодавецот не прави разлика меѓу човекот и граѓанинот (од една страна) и другите правни субјекти (од друга страна), туку и на едните и на другите им дава статус на субјекти во правото, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата уставност од овој аспект.

Што се однесува до Законот за јавното правобранителство кој се оспорува затоа што правобранителството, како такво, не било предвидено во Уставот на Република Македонија, Судот ја имаше предвид одредбата од член 49 од Законот за органите на управата, според која за своите потреби Владата основа самостојни и заеднички стручни и други служби чија организација и делокруг се уредуваат со актот на основање.

Така во членот 2 од Законот е предвидено дека јавното правобранителство се основа како служба на Владата на Република Македонија која презема со закон определени мерки и правни средства заради правна заштита на имотните права и интереси на Република Македонија и врши други работи утврдени со закон, а согласно член 7 став 2 од овој закон јавниот правобранител, за својата работа, одговара пред Владата на Република Македонија.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека јавното правобранителство, всушност се основа како служба на Владата, поради што не може да се постави прашањето за неговата уставност само затоа што не е предвидено како такво во Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.60/2000
21 јуни 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов