Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 јуни 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 48 став 2 и 3 од Законот за домување (“Службен весник на РМ” бр.21/98).
2. Васил Велковски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 48 став 2 и 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение, од причини што истиот не бил во согласност со член 30 од Уставот на Република Македонија.
Имено, со законската можност, Судот во вонпроцесна постапка да одлучува за поправките и преправките на заедничките простории и делови во станбената зграда што служат на зградата како целина, како и преправките на зградата, а во случај кога сопствениците на станбената зграда нема да се согласат за истите, се вршело ограничување на правото на сопственост (на останатите сопственици) кои немаат интерес за поправките, односно преправките без за тоа да постои јавен интерес. Дотолку повеќе, што во овој случај воопшто не биле утврдени критериуми од кои судот треба да се раководи при одлучувањето дали ќе дозволи поправки и преправки.
3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 48 став 2 од Законот, ако сопствениците на станбената зграда не се согласат по предлог на заинтересираниот сопственик, за поправките и преправките на заедничките простории и делови во станбената зграда што служат на зградата како целина, како и преправките на зградата, ќе одлучи надлежниот суд во вонпарнична постапка.
Според ставот 3 од истиот член, Судот ја утврдува висината на трошоците за преправките и поправките за секој сопственик поодделно.
4. Во членот 8 алинеја 6 од Уставот на РМ, правната заштита на сопственоста претставува една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Со членот 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Во конкретниот случај, оспорените одредби од Законот за домување се поместени во главата ВИ која се однесува на прашањата поврзани со поправките, преправките, адаптацијата и пренамената на становите, заедничките простории и делови на станбените згради.
Инаку, во членот 1 од законот се утврдува дека истиот ги уредува односите во домувањето, начинот и условите на давање на становите под закуп, правата и обврските на сопствениците и корисниците на становите и одржувањето на станбените згради.
Во членот 2 од законот е определено значењето на одделни поими употребени во законот. Имено, под заеднички простории во станбена зграда се подведуваат скали, ходници, тавани, пералници, сушалници, заеднички подруми, засолништа, простории за домарска служба, простории за куќен совет, простории за отпадоци и други простории кои служат за зградата како целина. Заеднички делови и уреди на станбената зграда се темели, носечки ѕидови, покрив, стреи, фасада, оџаци, лифтови, сите видови инсталации и слични заеднички делови на станбена зграда. Заеднички делови на станбена зграда се и други простории, делови, објекти или уреди што не се во состав на зградата како што се: заеднички котларници, хидрофори и слично што служат само на една или повеќе станбени згради, земјиштето утврдено со урбанистичкиот план за изградба и за редовно користење на зградата и слично.
Членот 48 од законот го уредува прашањето на поправки и преправки токму на заедничките простории и делови во станбената зграда што служат на зградата како целина, како и преправките на самата зграда.
Правото на сопственост не претставува апсолутна власт на носителот на тоа право.Имено, покрај правата, сопственоста, како субјективно право создава и обврски кои треба да служат за добро на поединецот и на заедницата. Нема право ако нема обврска. Обврската е втора страна на граѓанско-правниот однос, обратна од онаа на правото.
Во рамките на правото на управување со заедничките простории и делови на станбената зграда што и служат на зградата како целина и со самата зграда, спаѓа можноста и потребата за нивно поправање и преправање што е во функција на одржување на зградата.
По правило за изведување на овие работи потребна е согласност на сопствениците на сите станови во зградата, односно на влезот на зградата (член 48 став 1 од Законот за домување).
Сепак во реалноста може да се јават случаи кога некои од сопствениците нема да се согласат со барањето за поправка или преправка на овие простории или делови. Токму ова прашање го регулира оспорениот став 2 од истиот член на Законот за домување.
Имено, доколку согласноста не биде дадена, за поправките и преправките (што ќе претставува всушност и предмет на спорот), Законот упатува да одлучи надлежниот суд во вонпроцесна постапка.
Во ставот 3 од истиот член е предвидено судот да ја утврди висината на трошоците за секој сопственик поодделно. Во Законот за вонпроцесната постапка (“Сл.весник на СРМ” бр.19/79) во делот ИИИ се регулирани постапките за уредување на имотни односи, меѓу кои во главата ЏИ е уредена постапката за уредување на односите меѓу етажните сопственици. При тоа, во оваа постапка, неспорноста на правото на сопственост и на големината на сопственичкиот дел за секој од сопствениците е претпоставка за поведување и успешно довршување на постапката за уредување на односите меѓу сопствениците. Тоа значи дека во оваа постапка не може да се расправа и да се решава за спор за правото на сопственост, односно за големината на сопственичкиот дел на некој од сопствениците.
Согласно членот 202 од Законот, во случаите на поправка, односно преправка на зграда, судот ќе определи вештачење ако е тоа потребно, за да се утврди целесообразноста и оправданоста на поправките и преправките.
Согласно членот 204, судот во решението за поправки, односно преправки на зградата одредува кои поправки или преправки ќе се извршат, образложувајќи ја нивната целесообразност и оправданост.
Со ова решение, судот ќе определи кои етажни сопственици и во кој обем ќе ги сносат трошоците водејќи затоа сметка на кои посебни делови и во која мера или во чија корист поправките или преправките треба да се извршат.
Од изнесеното произлегува дека оспорените одредби од Законот за домување само го одредуваат начинот на уредување на односите меѓу сопствениците на становите во станбената зграда, во врска со поправките или преправките на заедничките простории и делови кои и служат на зградата како целина, како и преправките на зградата, т.е. упатуваат за тоа да одлучи надлежниот суд во вонпарнична постапка. При тоа, надлежноста на судот да одлучи за потребата од поправки и преправки се ефектуира доколку биде исполнет законскиот услов – сопствениците на станбената зграда да не се согласат.
Што се однесува до мислењето на подносителот на иницијативата дека во Законот не се утврдени некои критериуми од кои Судот, треба да се раководи при одлучувањето дали ќе се дозволи поправки и преправки, сметаме дека не постои таква обврска за законодавецот со оглед на тоа што, согласно член 203 од Законот за вонпроцесната постапка, Судот го донесува решението по изведувањето на потребните докази, а врз основа на резултатот од постапката.
Ако се има предвид членот 30 став 2 од Уставот според кој сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, произлегува дека сопственоста не може да се сфати во апсолутна смисла. Имено, правото на сопственост во принцип е неприкосновено. Меѓутоа, утврдувајќи ја сопственоста како категорија која создава и права, но и обврски, Уставот определува дека таа треба да служи за доброто на поединецот и на заедницата.
Оттука, според мислењето на Судот со оспорените одредби не се врши одземање, ниту ограничување на правото на сопственост, туку само се упатува, односите меѓу сопствениците на станбената зграда кога нема да се согласат, а во врска со поправките и преправките на заедничките простории и делови на станбената зграда што служат на зградата како целина, како и преправките на зградата, да ги уреди надлежниот суд во вонпроцесна постапка.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.239/99
21 јуни 2000 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов