30/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 21 јуни 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 558 и 559 од Законот за трговските друштва (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/96, 7/97, 21/98, 37/98, 63/98, 39/99, 81/99 и 37/2000).
2. Лидија Даниловска од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата трговските друштва за остварување на финансиските резултати, за билансот на приходите и расходите и други остварени финансиски резултати биле должни пред Управата за јавни приходи и Заводот за платен промет да поднесуваат полугодишен преглед на сметката и годишна (завршна) сметка, како и тоа дека секој месец при подигање на платата, да ги пресметаат и уплатат даноците и придонесите према Државата, а при набавката на стоки и услуги два пати месечно да платат данок на додадена вредност на производи и услуги или акциза, како и фактот дека сите овие субјекти биле должни да водат уредно и ажурно сметководство со вработени сметководители и надзорен одбор. Повторното подвргнување на целокупното финансиско работење од страна на ревизори, предвидено со оспорените одредби од Законот за трговските друштва било противуста вна и противзаконска правна работа, затоа што правните субјекти ги оптоварувало со излишни додатни трошоци и однапред се доведувало под сомневање нивното работење што не било во согласност со член 8 и член 55 од Уставот на Република Македонија.
Членот 558 од Законот претставувал и вид на принуда над правните субјекти затоа што ги обврзува задолжително да ги подвргнат годишните сметки под ревизија и за тоа непотребно да бидат оптоварени со плаќање поголеми парични средства за извршената ревизија, со што се ограничувала слободата на пазарот. Спооред мислењето на подносителот годишните сметководствени искази (годишните сметки) можеле да се подвргнат на ревизија само по барање на субјектите заради докажување на нивниот бонитет кога тоа го барале посебни причини (пример: ако тоа го барал надворешен партнер, банка).
3. Судот на седницата уврди дека во оспорениот член 558 е педвидено дека ревизорите на годишните сметки поднесуваат писмен извештај за резултатите од испитувањето. Во извештајот се утврдува дали сметководствените работи, годишните сметки и годишниот извештај одговараат на законските одредби и дали управниот орган, односно управителот или управителите дале објаснувања и поднеле докази. Ставките од годинашните сметки се расчленуваат и разјаснуваат до онаа мера до која што тоа е потребно, а според ставот (2) на овој член ако во текот на извршувањето на своите обврски ревизорите утврдат факти кои укажуваат на загрозување на друштвото или на нанесување голема штета на неговиот развој, или ако утврдат тешки повреди на законот, на договорот за друштвото, односно на статутот направени од страна на управниот орган, односно управителот или управителите, поднесуваат извештај за тоа.
И според ставот (3) ревизорите на годишните сметки ги потпишуваат извештаите и му ги доставуваат на управниот орган, односно на управителот односно управителите на друштвото.
Според член 559 став (1) во друштвата во кои се образува надзорен одбор, управниот одбор, односно управителот или управителите веднаш по добивањето на извештајот на ревизијата му ги доставуваат на надзорниот одбор годишните сметки и извештајот на ревизијата. Истовремено, на надзорниот одбор му се доставува и предлог на одлуката за распределба на добивките според годишните сметки, која има намера да се достави на собранието, односно собирот на содружниците или на содружниците за одлучување, а според ставот (2) надзорниот одбор е должен да ги провери годишните сметки и предлогот на одлуката за употреба на добивката. На барање на надзорниот одбор ревизорите на годишните сметки се должни да присуствуваат и учествуваат во работата на надзорниот одбор.
Во ставот (3) е предвидено дека надзорниот одбор му поднесува на собранието, односно на собирот на содружниците, односно на содружниците писмен извештај за резултатите од контролата. Во извештајот го соопштува начинот на извршна контрола и обемот на контролата над управувањето и раководењето со друштвото за врме на преходната деловна година. Во извештајот се изјаснува и за резултатите од испитувањата извршени од страна на ревизорите на годишните сметки и за приговорите на составените годишни сметки и годишниот извештај и предлага дали тие да бидат усвоени или не.
4. Во член 8 од Уставот на Република Македонија се утврдени темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, ме?у кои и основните права и слободи на човекот и гра?анинот, владеење на правото, правната затштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото.
Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.
Во ставот 2 на овој член е предвидено дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот, а според ставот 3, исто на овој член, слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на лу?ето.
Според член 537 од Законот за трговските друштва, секој трговец, согласно принципите на правилно водње на сметководство, води трговски книги, на начин што ги прави видливи сите преземени трговски правни работи, состојбата на капиталот, средствата, обврските приходите и расходите. Трговските книги се водат на таков начин, што секое трето лице – експерт, при прегледувањето на книгите може да стекне општ преглед и увид во врска со работењето на трговецот и во врска со имотната и финансиската состојба на неговото претпријатие (став1), а според член 538 од овој закон, трговските книги се водат врз основа на веродостојни сметководствени документи (став 2).
Според член 546 од Законот одговорниот сметководител е стручно лице, на кое трговецот му ги доверува водењето ан сметководството (трговските книги) и кое ги потпишува сметководствените извештаи ( годишните сметки и сметководствените, односно финансиските извештаи). Одговорниот сметководител, за вршењето на работите од неговиот делокруг директно е одговороен на управата на трговското друштво односно на трговецот поединец.
Од членот 547 од Законот произлегува обврска на крајот на секоја деловна година, трговецот да составува биланс на состојба и биланс на успех ( годишна сметка). Билансот на состојбата и билансот на успех и извештајот ја сочинуваат годишната сметка, што значи дека податоците и во годинашниот финансиски извештај мора да се одраз на вистинската состојба на средствата, капиталот, обврските, приходите, расходите и финансиските резултати.
Годинашната сметка се составува согласно начелата на уредно и правилно водено сметководство, а годишните биланси и извештајот даваат вистинита и правична слика за средствата, капиталот, обврските, приходите, расходите и финансискиот резултат( член 548). Управата на друштвото, по завршувањето на секоја деловна година е должна да достави годишна сметка и извештај за работата на друштвото во предходната деловна година ( не се исклучени и периодични сметки) (член 552), а годишните сметки опфаќаат сметководствени искази, а во нивни прилог објаснувања на сметководствените искази (член 554).
Во извештајот за рабоењето се изнесува состојбата на друштвото во текот на предходната година, покрај другите информации, се даваат и информации за постоење отстапување во сметководствената политика на трговецот и ефектот од промената, доколку е значаен (член 555).
Со членот 556 од Законот за трговските друштва е пропишана задолжителна ревизија на годишните сметки и на годишните извештаи за работата на трговецот. Ревизија на годишната сметка се врши најдоцна еден месец пред да се одобри годишната сметка, односно најдоцна еден месец пред да се одржи седницата на собранието, односно на собирот на содружниците на која се одобрува годишната сметка. Ревизијата на годишните сметки ги опфаќа сите акционерски друштва, сите друштва чии акции котираат на берзата и друштвата што се должни да изготват консолидирани извештаи, според одредбите на член 590 од законот, друштвата со ограничена одговорност кои исполнуваат два од условите од став 3 на овој член,
Имајќи го предвид наведеното, и оспорените одредби се поставува како спорно прашањето, дали при постоењето на Заводот за платен промет пред кој се врши евиденцијата на прометот на стопанските субјекти, постоењето на Управата на јавни приходи преку која се врши уплата на давачките на стопанските субјекти кон државата, водењето на сметководство, задолжителната ревизија значи повторно подвргнување на целокупното финансиско работење на стопанските субјекти.
Според мислењето на Судот исполнувањето на законската обврска од член 552 став 4 од Законот за трговските друштва стопанските субјекти да ги доставуваат годишните сметки до Управата за јавни приходи и до носителот на платниот промет, каде друштвото има жиро сметка, не значи истовремена ревизија на работењето на друштвото, затоа што ова обврска првенствено има за цел да обезбеди евиденција, финансиска статистика и автоматска обработка на податоците, како и информирање за вршење на работите утврдени со Закон.
Обврската за пресметување и уплатување на одделни даноци и придонеси према Државата произлегува од посебни законски прописи, при што Управата за јавни приходи е тој орган која ја извршува оваа функција и врши контрола на извршување на обврските за плаќање на јавните давачки.
Според член 11 од законот за сметководството (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/93, 48/93, 6/95, 32/98 и 39/99), субјектот е должен деловните книги да ги води според афирмираните сметководствени начела, стандарди, принципи и сметководствена практика, при што согласно овој закон (член 12) и член 545 од Законот за трговските друштва, водењето на сметководството субјектот – трговецот го доверува на стручно лице-одговорен сметководител. Одговорниот сметководител е непосредно одговорен за водењето на сметководството, особено за исправноста на евиденцијата, за реалноста на податоците и нивно презентирање пред институциите за контрола и ревизија, односно на органот на управување на трговецот и трговецот поединец.
Од наведените одредби и оспорените одредби од законот за трговските друштва ревизијата се врши од друг аспект – заштита на интересите на сопствениците на капиталот и е во функција на полн увид на сод ружниците во годишните сметки и врз основа на нејзиниот извештај да одлучуваат за добивката и другите прашања од нивен интерес. Контрола на финансиското работење и извршување на со закон пропишаните обврски према државата, со точно утврдената висина, износ и законски рок ја спроведуваат фискалните органи и не може да се поистовети со ревизијата. Во извештајот кој го поднесуваат ревизорите како објективни стручни лица за реалноста и вистинитоста на прикажаното работење, ангажирани од сопствениците на акционерскиот капитал (оспорениот член 558), се утврдува дали сметководствените работи, годишните сметки и годишниот извештај одговараат на законските одредби и дали управниот орган, управителот-управителите дале објаснување и поднеле докази.
Како што произлегува и од ставот 2 на оспорениот член 558 од Законот за трговските друштва, функцијата на ревизијата е да утврди факти или треба да укажат на постоење загрозување на друштвото или загрозување и на штета на неговиот развој, тешки повреди на законот, на договорот на друштвото односно статутот, направени од страна на управниот орган, односно управителот- управителите на друштвото.
Во оспорениот член 559 е предвидена обврска извештајот на ревизијата да му се достави на надзорниот одбор заедно со годишната сметка. Ваквата обврска според мисењето на Судот е разбирлива и логична од причини што надзорниот одбор е тој кој ги проверува годишните сметки и предлогот на одлуката за употреба на добивката и кој му поднесува писмен извештај за резултатите на контролата, на собранието, односно на собирот на содружниците. Како што е наведено во извештајот надзорниот одбор го соопштува начинот на кој извршил контрола над управувањето и раководење со друштвото за време на предходната деловна година.
Инаку, ревизијата е уредена со Законот за рефизијата и како основна цел ја има заштитата на јавниот интерес и на сопстениците на капиталот што се постигнува со независно испитување и оценка на финансиските извештаи и сметководствените извештаи, односно заштита на капиталот преку независното професионално мислење за тоа дали тие извештаи вистинито и објективно ја прикажуваат состојбата на капиталот, побарувањата, обврските и резултатите од работењето. Поради тоа Судот смета дека со оспорените одредби не се доведува во прашање ниту сопственоста на друштвото, ниту се попречува или ограничува слободата на пазарот и претприемништвото. Токму спротивното. Според мислење на Судот задолжителната ревизија е во функција на слободата на пазарот и претприемништвото затоа што овозможува на стопанските субјекти, на берзата или при склучување на деловните односи да имаат јасна претстава за состојбата на капиталот и другите обврски на партнерот. Од друга страна, пазарното стопанство не ја исклучува улогата на државата на пазарот и преку законската регулатива за однесување на субјектите на пазарот обезбедува механизми со кој пропишува соодветни правила на однесување, а контролата што ја врши ревизијата токму обезбедува контрола на правата состојба на капиталот.
Инаку со Законот за ревизијата државата ги уредила условите и начинот за вршење на ревизија на правните и физичките лица кои вршат дејност кои се должни во согласност со закон или по свое барање да ги подложат своите финансиски извештаи и сметководствени искази на ревизија. Во оваа смисла со Законот за трговските друштва предвидела задолжителна ревизија и ја определила, поблиску, нејзината содржина.
Тргнувајѓи од значењето на ревизијата, во, тој контекст и на оспорените одредби кои се во функција на целите што се постигнуваат со ревизијата, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната уставност
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Д-р Тодор Џунов, судиите Д-р Никола Крлески, Олга Лазова, Д-р Стојмен Михајловски, Д-р Милан Недков, Д-р Јован Проевски, Бесим Селими и Д-р Јосиф Талевски.

У.бр.30/2000
21 јуни 2000 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов