Вовед
Судија
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на Законот за заемот за вработување (“Службен весник на РМ бр.46/86, 1/87, 24/88, 51/88, 18/89, 36/89, 39/89, 12/90, 46/90 и 55/91).
2. Група граѓани, преку Петар Вуковиќ од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива со барање да се укине Законот означен во т.1 на ова Решение, затоа што законот не покажал никаков ефект, како и да одлучи на граѓаните да им се вратат средствата преку издавање на обврзници.
3. На седницата Судот утврди дека Законот ги утврдува основите и условите за воведување задолжителен заем, намените на средставата и облиците на остварување на инвестициите заради зголемување на вработеноста. Од аспект на наводите во иницијативата, законот уредува две групи прашања што се релевантни за одлучување по неа.
Прво, во чл.8 предвидува дека уплатувањето на средствата на заемот почнува од 1 март 1987 и трае до 28 февруари 1991 година. Според тоа, прибирањето на средствата по основ на овој закон е одамна завршено.
Второ, во член 12 од Законот е предвидено дека СРМ односно РМ за уплатениот заем издава обврзници кои гласат на доносителот, а според член 13, на уплатите тече камата во одреден процент.
Во член 14, од Законот, е предвидено дека заемот се враќа во рок од 5 години врз основа на ануитетски купони што ги содржи обврзницата, а кои пристигнуваат за наплата во мај секоја година, почнувајќи од 1 мај 1993 год. Според тоа и рокот за враќање на заемот е веќе поминат во 1998 година.
Конечно, според член 15 од Законот, правото на наплатата на заемот по пристигнатите ануитети застарува за три години од денот на пристигнувањето за наплата, а за отплата на заемот гарантира Републиката. Според оваа одредба Законот има ефекти се до 2001 год., со оглед на три години рок на застареност.
4.Врз основа на изнесеното, Судот утврди дека подносителите на иницијативата не го оспоруваат Законот од уставно правен аспект, односно од аспект на неговата согласност со одредени уставни одредби, туку затоа што сметаат дека тој не произвел позитивни ефекти, што е прашање на примена, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува.
Исто така, со иницијативата се бара Судот да воспостави право на враќање на заемот преку обврзници, што е надвор од неговата надлежност. Притоа Судот само констатира дека тоа што се бара во иницијативата е веќе содржано во Законот, а реализацијата на обврзниците зависи од дејствијата на нивните иматели во пропишана постапка.
Со оглед на изнесеното, судот одлучи како во т.1 на ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов, и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.44/2000
14 јуни 2000 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов
љс/
љс/.