217/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 7 јуни 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 7 од Одлуката за авто-такси превозот во Општината Битола (“Службен гласник на Општина Битола” бр.5/98 и 5/99).

2. Оливера Лазева од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на член 7 од Одлуката означена во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата оспорениот член не е во согласност со член 44 став 1 од Законот за превоз во патниот сообраќај според кој општината односно Градот Скопје ја утврдува бојата на возилата, што подразбирало само една боја, а не и комбинација од бои. Доколку Законот не се сфател на овој начин, тогаш би имало повреда на интересите на оние правни субјекти што законски ги ползуваат своите права преку институтот “стоковен и услужен жиг” кој единствено му дава значење на поимот “комбинација на бои” во законодавна правна смисла.

3. На седницата Судот утврди дека во оспорениот член од одлуката е предвидено дека бојата на возилата со кои се врши авто-такси превозот на патници е комбинација на бои бела, зелена и жолта, со тоа што предната страна на поклопецот од моторот-хаубата и задната 5-та врата-капакот од багажникот ќе бидат зелени.

Како обележје за препознавање на авто-такси возилата на превозниците од сите страни на возилото под стаклата има лента (штрафта) во широчина од 10 см. со жолта боја во комбинација со други бои, различни од белата.

Бојата на лентата во смисла на став 2 од овој член ја одредуваат превозниците усогласено преку Здружението на авто-такси превозниците, најкасно во рок од 3 месеци од денот на влегувањето во сила на Одлуката.

4. Во член 44 став 1 алинеја 3 од Законот за превоз во патниот сообраќај (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/95, 51/97 и 29/98) е утврдено дека општината односно градот Скопје ја утврдува и бојата на возилата.

Судот оценува дека означената законска одредба го употребува поимот “боја” во своето општо или генеричко значење, под кое треба да се подразбере одреденост на предметот (авто-такси возилото) во однос на перцептивната моќ на човечкиот орган за вид да разликува бои. Способноста на лицето да ги разликува предметите со оглед на нивната боја, несомнено не може да се сведе само на еднобојни предмети, што, се разбира, не е пречка со правен пропис да се определи дека некои предмети ќе бидат токму еднобојни. Означената одредба од Законот, меѓутоа, такво нешто не предвидува.

Оттука, Судот смета дека не постои ниедна физичка или правна причина авто-такси возилото да не биде бојадисано во “одредена боја” со комбинација на две или повеќе бои, особено во одреден “логичен” распоред, за што одлучува општината.

Дали комбинацијата на бои треба да биде регистрирана како услужен жиг е сосема друго прашање кое излегува од контекстот на овластувањето на општината да ја определи бојата на такси возилата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не постојат основи за сомневање во законитоста на оспорениот член 7 од Одлуката и одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.217/99
7 јуни 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов