Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, на седницата од 7 јуни 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 19, член 199 став 3 и член 202 став 1 од Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/97).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на член 19, член 199 став 3 и член 202 став 1 од законот означен во точката 1 на ова решение. Според наводите во иницијативата оспорените одредби од Законот биле несогласни со Уставот, затоа што со нив се повредувал принципот на претпоставката на невиност до правосилната судска пресуда и затоа што ниту една правна последица не можела да настапи пред правосилноста на судската пресуда, за што, впрочем, зборувал и членот 102 став 1 од Кривичниот законок според кој правните последици од осудата настапуват со денот на правосилноста на пресудата.
Со членот 199 став 3 и членот 202 став 1 од Законот за кривичната постапка, според подносителот на иницијативата, се повредувало уставното право на неповредливоста на домот затоа што се давала можност за претресување на станот без претходно на граѓанинот да му се врачи судската наредба, односно се давала можност да се врши претрес и без постоење на судска наредба.
3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 19 од Законот кога е пропишано дека поведувањето на кривична постапка има за последици ограничување на определени права, овие последици, ако со закон не е поинаку определено, настапуваат со влегувањето во правна сила на обвинителниот акт, а за кривичните
дела за кои како главна казна е пропишана парична казна или затвор до три години од денот кога е донесена осудувачката пресуда, без оглед дали станала правосилна.
Понатаму, Судот утврди дека според член 199 став 3 од Законот кон претресување може да се пристапи и без претходно предавање на наредба како и без претходна покана за предавање на лице или предмети, ако се претпоставува вооружен отпор или ако е нужно при сомневање дека е сторено тешко кривично дело што го сторила група или организација претресот да се изврши ненадејно или ако претресувањето треба да се изврши во јавни простории.
Исто така, Судот утврди дека членот 202 став 1 од Законот предвидува овластените службени лица на Министерството за внатрешни работи да можат и без наредба за претрес да влезат во дом и други простории ако таму се наоѓа лице што по наредба на суд треба да се притвори или присилно да се доведе.
4. Согласно член 8 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката е владеењето на правото.
Членот 13 став 1 од Уставот предвидува дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.
Согласно член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Како што се гледа од наведените одредби, уставотворецот го предвидува владеењето на правото како едно од темелните вредности на правниот поредок; го застапува принципот на праесумптио на невиноста и ги ограничува слободите и правата на човекот и граѓанинот во рамки определени со закон.
Во таа смисла, според членот 19 од Законот, клучни моменти за ограничување на определени права на граѓанинот, се влегувањето во правна сила на обвинителниот акт, односно денот на донесувањето на осудувачката пресуда, без оглед дали истата станала правосилна.
Со други зборови, оспорената одредба го пропишува супсидијарниот момент на настапувањето на определени последици, а тоа е моментот на стапување во правна сила на обвинителниот акт, додека за кривичните дела што се пресудуваат во судската пресуда – денот на донесувањето на осудителната пресуда.
И во обата случаи битен е моментот определен со законот со кој тие се пропишани.
Имено, Судот смета дека во оспорениот член 19 од Законот станува збор за процесните последици на пресудата, поради што оцени дека истиот не може да се доведува во корелација со одредбите од членот 101 и 102 од Кривичниот законик, кои според својата правна природа се правни последици на осудата и каде правосилноста на пресудата е задолжителен услов. Имено, Судот смета дека оспорениот член 19 од Законот го регулира прашањето за процесните последици на поведената постапка, односно донесената пресуда, независно од тоа дали станала правосилна и дека целта на законодавецот не била да го негира начелото на праесумтио на невиноста, што може да биде соборена со судска пресуда кога ќе се утврди дека обвинетиот не е виновен, туку има еден вид превентивно дејство во смисла што овие последици, ако со закон не е поинаку определено, настапуваат со влегување во правна сила на обвинителниот акт, односно со донесувањето на осудувчката пресуда, независно од тоа дали истата станала правосилна.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека не би можело да се постави прашањето за согласноста на член 19 од Законот за кривичната постапка со Уставот на Република Македонија.
Според член 199 став 3 од Законот за кривичната постапка претресувањето може да се изврши и без претходно предвање на наредба и без претходна покана за предавање на лице или предмети доколку се претпоставува вооружен отпор или ако е нужно при сомневање дека е сторено тешко кривично дело што го сторила група или организација, претресот да се изврши ненадејно или ако треба да се изврши во јавни простории.
Имајќи ја предвид содржината на ставот 3 од член 199 од Законот за кривична постапка, Судот смета дека вршењето на
претресот и без наредба, и ненадејно или во јавни простории, е предвидено како втора опција (И), односно кога постои сомнение дека истиот не може да се изврши во регуларно предвидената законска постапка.
Имено, во главата “Истражни дејствија”, законодавецот предвидува генерални одредби според кои претресувањето на домот на обвинетиот и другите просториии го наредува Судот и со писмено образложена наредба посебно го назначува местото и лицето што се претресува, како и предметите или лицето што се бараат, односно одземаат. Наредбата за претресување му се предава, пред да почне претресувањето, на лицето кај кое или врз кое ќе се изврши претресување.
Исто така, Законот предвидува пред претресувањето да се повика лицето на кое се однесува наредбата за претресување доброволно да го предаде лицето, односно предметите што се бараат.
Имајќи ги предвид овие одредби од Законот, кои го уредуваат вообичаениот начин на претресување наспроти оспорената одредба од ставот 3 на истиот член од Законот, што е предвидена како, еден вид, резервна калузула која ја исклучува можноста да не се рализира претресот, Судот оцени дека истата е согласна со член 26 став 1 од Уставот според кој се гарантира правото на неповредливост на домот.
Оспорената одредба е, исто така, согласна и со ставот 2 на член 26 од Уставот според кој правото на неповредливост на домот може да биде ограничено единствено со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето, од причина што независно од тоа што законодавецот предвидува можност за пристапување кон претресување без претходно предавање на наредба, неспорно е дека судот претходно наредбата ја донел но, истата не ја предава кога се претпоставува вооружен отпор или ако постои сомнение за тешко кривично дело сторено од група или организација.
Што се однесува до членот 202 став 1 од Законот за кривичната постапка според кој овластените службени лица на Министерството за внатрешни работи можат и без наредба за претрес да влезат во дом и други простории ако таму се наоѓа лице што по наредба на судот треба да се притвори или присилно да
се доведе, Судот оцени дека овој член всушност регулира состојба кога постои наредба на судот за притворување или присилно доведување на определно лице, но не е издадена наредба за претрес на неговиот дом и кога законодавецот дава можност овластените лица на Министерството за внатрешни работи и без наредба за претрес да влезат во неговиот дом и другите простории ако таму се наоѓа лицето што треба да се приведе.
Одредбата од член 202 став 1 од Законот гледа на во контекст на останатите негови одредби што ги регулираат прашањата во врска со претресот на дом и лице, според Судот наведува на заклучок дека Законот во принцип го почитува правото на неповредливост на домот, затоа што предвидува: држателот на домот и на другите простории или неговиот застапник да биде повикан да присуствува при претресувањето; на претресот да присуствуваат и двајца полнолетни граѓани како сведоци; претресот да се одвива без нарушување на куќниот ред и сл.; за претресот се составува записник што го потпишуваат службеното лице кое го врши претресувањето, лицето кај кое или врз кое се врши претресувањето и лицата чие присуство е задолжително (член 200 и член 201 од Законот за кривичната постапка).
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека оспорената одредба од член 202 став 1 од Законот се разликува од горенаведените одредби во смисла што во неа акцентот е ставен на притворувањето или присилното доведување на лицето, како примарно дејствие на органите за внатрешни работи, при што едновременото претресување на неговиот дом и другите простории, како секундарно дејствие на овие органи, е инклудирано во наредбата на судот за притворувањето или присилното доведување, поради што Судот оцени дека во таквите случаи постоењето на посебна судска наредба за претресување не само што не е облигаторно, туку воопшто не е потребно.
Во прилог на мислењето на Судот оди и фактот што во наредбата за притворување или присилно доведување, таквото лице е идентификувано во смисла што, покрај името и презимето, е означена и адресата на неговиот дом и другите простории каде што престојува, па непостоењето на посебна наредба за претрес, во таков случај, не би можело да се оквалификува како неовластено влегување во туѓ дом.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски,д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.25/2000
7 јуни 2000 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов