Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 31 мај 2000 година донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 138 став 2 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94, 14/95, 53/97, 59/97, 21/98 и 25/2000).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 138 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одредба се повредувала самостојноста и независноста на судската власт, диктирајќи конкретно и непосредно точно како надлежниот суд да пресуди и што смее да цени а што не смее да цени при донесувањето на својата одлука. Понатаму, се исклучувал Уставот и нормите на меѓународното право при одлучувањето на судот и се повредувал принципот на еднаквост на граѓаните на штета на работниците на кои им престанал работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени. Оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 3, 4 и 11, член 9 став 2, член 51 и член 98 став 2 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 138 став 1 од Законот за работните односи, работникот кој не е задоволен со конечната одлука на надлежниот орган или ако тој орган не донесе одлука во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето, односно на приговорот, има право во наредниот рок од 15 дена да бара заштита на своите права пред надлежниот суд.
Според оспорениот став 2 на член 138 од овој закон, во постапката за заштита на правата на работникот од престанок на работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени надлежниот суд цени само дали работниот однос престанал под условите и начинот утврдени со закон, колективен договор и договорот за работа, при што не ја цени потребата и оправданоста од престанокот на работниот однос по оваа основа.
Со ставот 3 од овој член се уредува дека заштита на правата пред надлежниот суд работникот не може да бара ако претходно не барал заштита на правата пред надлежниот орган кај работодавецот, освен правото на парично побарување, а според ставот 4 од овој член на Законот, работодавецот е должен правосилната одлука на судот донесена во постапката за заштита на правото на работникот да ја изврши веднаш, а најдоцна во рок од осум дена од денот на доставувањето, ако судот не определил друг рок.
4. Според член 8 став 1алинеја 3, 4 и 11 од Уставот владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот. Секој е должен да го почитува Уставот и законите.
Согласно член 98 став 2 од Уставот, судовите се самостојни и независни и тие судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.
Со Законот за работните односи и со колективните договори конкретно се уредени прашањата во врска со условите и начинот на престанок на работен однос, како и формите и начинот на заштитата на правата на работникот во случај на престанок на работен однос. Во таа смисла, со овој закон и со колективните договори, се уредени и прашањата за престанок на работен однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени. Имено, според член 125 од Законот, на работникот може да му престане работниот однос со отакз поради економски, технолошки, структурални или слични промени во случај кога работодавецот има намера да воведе поголеми промени во производството, програмата, реорганизацијата, структурата и технологијата, а кои ќе предизвикаат потреба од намалување на бројот на работниците. Работодавецот, согласно член 126 од Законот, пред да воведе промени во смисла на член 125 од овој закон, должен е претходно да ги информира работниците и Синдикатот за видот на промените и нивните последици од престанок на работниот однос на работниците, бројот и структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос, мерките што ќе ги превземе за спречување и ублажување на последиците од таквите промени и правата на работниците што ќе ги обезбеди. Обврските на работодавецот во одонос на известувањето на работниците и на службата за посредување при вработувањето се содржани во членот 127 од Законот. За одбележување е дека со последните измени во Законот за работните односи, се брише членот 128 и се променети одредбите на членовите 129 и 130 од Законот. Така, според членот 129 од Законот, структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени се утврдува врз основа на критериумите утврден со колективен договор на ниво на работодавец, односно со колективен договор на ниво на гранка, доколку работодавецот има потпишано таков договор, а со членот 130 од Законот, се утврдени правата на работникот што е должен да ги обезбеди работодавецот.
Врз основа на наведеното, може да се заклучи дека правата и должностите, како на работникот, така и на работодавецот, во случај на престанок на работниот однос со отказ поради економски, технолошки и структурални или слични промени, конкретно се уредени со Законот и колективните договори.
Со измените и дополнувањата на Законот за работните односи од ова година не се променети одредбите во врска со облиците и формите на заштитата на правата од работен однос вклучувајќи ја и судската заштита. Тоа значи дека на секој работник на кој ќе му престане работниот однос по било кој основ има право и на судска заштита и на истиот ќе му биде обезбедена таквата заштита доколку не му се обезбедени правата од работен однос или работниот однос му престанал спротивно на законот и колективен договор. Притоа, со дополнувањето на членот 138 од Законот, што во конкретниот случај е предмет на оспорување, се упатува дека во постапката за заштита на правата на работникот од претстанок на работниот однос поради технолошки вишок, судот да цени дали тој однос престанал под условите и начинот утврдени со закон, колективен договор и договорот за работа, а не да ја цени и потребата и оправданоста од прогласување на технолошки вишок. Според тоа, пред Судот се постави прашањето дали со таа одредба се повредуваат напред наведените уставни принципи.
Во одговор на горното прашање, а имајќи ја предвид целината на прашањата за престанокот на работниот однос, технолошкиот вишок и заштитата на работникот притоа, утврдени со Законот за работните односи, според мислењето на Судот, оспорената одредба има упатувачки и појаснувачки карактер ( судот не го врши тоа што не е негово ). Појаснувајќи ја примената на членот 138 од Законот, со неговото дополнување со оспорената одредба од ставот 2, надлежниот суд и во иднина како и досега самостојно и независно цени и одлучува дали работниот однос и по основ на технолошки вишок престанал под условите и на начинот утврдени во законот и колективниот договор, при што тој не ја цени потребата и оправданоста од прогласување на технолошки вишок. Имено, прецизирањето на одредбата е од превентивен карактер во смисла на тоа да не се покренуваат спорови заради оценка и на потребата и оправданоста од престанок на работен однос поради технолошки вишок, бидејќи потребите од работници, структурата на работници според вид и степен на стручна подготовка, дали и со колку работници ќе заснова работен однос и кога ќе заснова работен однос, на определено или неопределено време, како и дали и кога и колку работници ќе отпушти како технолошки вишок е условено од потребите на работодавецот и тоа е негово право и е во негова надлежност. Тоа значи дека при престанок на работен однос поради технолошки вишок работодавецот е должен да му обезбеди едно од правата утврдени во Законот за работните односи ( член 130 од Законот, односно член 7 од неговите измени од март ова година ) под условите утврдени во Законот и да ја почитува односно спорведе постапката за престанок на работен однос по овој основ утврдени во законот и колективен договор. Од одредбите на Законот не произлегува право ниту за работникот, ниту на другите органи вклучувајќи го и судот да му го ограничуват ова право на работодавецот, поради што иницирањето и водењето на спорови пред судовите во вакви случаи би било нецелисходно, ирационално и неоправдано.
Според мислењето на Судот, смислата на оспорената одредба од Законот по својот карактер, содржина и вокација нема за цел да ја определува надлежоста на судовите, кое прашање се уредува со посебен закон, ниту да ја ограничува самостојноста и независноста на судската власт. Исто така, со таа одредба не се исклучува примената на Уставот и нормите на мегународното право при одлучувањето на судот, ниту, пак, се повредува принципот на еднаквост на граѓаните на штета на работниците на кои им престанал работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени.
Врз основа на наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на оспорената одредба на член 138 став 2 од Законот за работните односи со напред наведените одредби од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.67/2000
31 мај 2000 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Милан Недков