59/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 мај 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на Одлуката за утврдување на надоместок за употреба на градежното земјиште на територијата на Општина Пехчево бр.08-01/88 донесена од Советот на Општината Пехчево на 26 мај 1997 година.

2. Дивна Станоева од Пехчево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение. Според неа, со оспорената одлука било повредено начелото на еднаквост и рамноправност, бидејќи на сметките за комунални услуги на некои граѓани им се допишувал износ од 44,оо денари за “градска рента”, а на некои граѓани не им се допишувал никаков износ. Иницијаторката наведува дека по иницијатива на нејзиниот дедо, Уставниот суд повел постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 14 и 17 од Одлуката бр.08-01/88 донесена од Советот на Општина Пехчево, која се однесувала на утврдување на надоместок за употреба на градежно земјиште без при тоа да ја спомене градската рента.

3. Судот на седницата утврди дека Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.148/99 од 20 октомври 1999 година, не поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на оспорената одлука во целина. Имено, правниот основ на обврската на граѓаните да плаќаат надоместок за употреба на градежно земјиште произлегува директно од Законот за градежно земјиште. Оттука, произлегува дека надоместокот за употреба на градежно земјиште претставува законски утврден приход на општината како еден од сопствените извори на приходи за финансирање на нејзините потреби.

4. Согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основа за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што Судот ја ценеше во целина оспорената одлука и не поведе постапка, а нема ниту основа за поинакво одлучување, Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли.

Во врска со тврдењето во иницијативата дека некои граѓани плаќале надоместок за употреба на градежно земјиште (градска рента), а некои граѓани не плаќале, Судот оцени дека ако е тоа така, станува збор за примена на Одлуката, за што Уставниот суд согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Тодор Џунов.

У.бр.59/2000
24 мај 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Милан Недков