73/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 мај 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 49 од Правилникот за вршење на работите на Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.12/98), во делот што гласи

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 49 во делот: “а во определени случаи претресот го вршат и без наредба за претрес и без присуство на сведоци, согласно одредбите на Законот за кривичната постапка” од Правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со одредбата во оспорениот дел се повредувале уставните принципи за слободата на човекот, неповредливоста на домот и владеењето на правото, што не било во согласност со одредбите на член 8 став 1 алинеја 3, член 12 став 1 и 2, член 26 и член 51 од Уставот и член 28 став 3 од Законот за внатрешните работи.

3. Судот на седницата утврди дека според член 49 од Павилникот, овластените службени лица, врз основа на судска писмена образложена наредба вршат претресување на дом и други простории, претресување на лице, составуваат записник за превземените дејствија, а во определени случаи претрерсот го вршат и без наредба за претрес и без присуство на сведоци согласно одредбите на Зконот за кривичната постапка.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Слободата на човекот, согласно член 12 став 1 од Уставот, е неприкосновена, а според став 2 од овој член, никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон.

Според член 26 од Уставот се гарантира неповредливоста на домот и тоа право може да биде ограничено единствено со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите. Според ставот 2 на овој член од Уставот, секој е должен да го почитува Уставот и законите.

Според член 28 став 3 од Законот за внатрешните работи, ако при извршувањето на службените работи има потреба и основа од влегување во туѓ дом или просторија овластеното службено лице е должно претходно да се легитимира и да презентира судска одлука.

Прашањата што се однесувааат на претрес на дом и други простории и претрес на лице, се мерки што се преземеаат во истражните дејствија и како такви се утврдени со Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/97). Имено, условите, начинот и постапката за претрес на дом и лице конкретно се уредени со членовите 198 до 202 од овој закон, така што, според член 202 став 1 од Законот, овластените службен лица на Министерството за внатрешни работи можат и без наредба за пртрес да влезат во дом и други простории ако таму се наоѓа лице што по наредба на суд треба да се притвори или присилно да се доведе, а според став 2 од овој член на Законот, овластените службени лица на органот за внатрешни работи можат и без наредба за претрес и без присуство на сведоци да извршат претрес на лице при извршување на наредба за приведување или при лишување од слобода ако постои сомнение дека тоа лице поседува оружје или орудие за напад или ако постои сомнение дека ќе ги отфрли, сокрие или уништи предметите што од него треба да се одземат како доказ во кривичната постапка.

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, а имајќи ја предвид одредбата од Правилникот во оспорениот дел, според која овластените службени лица на Министерството за внатрешни работи во определни случаи претресот на дом и други простории и претресот на лице го вршат и без наредба за претрес и без присуство на сведоци, согласно одредбите на Законот за кривичната постапка, јасно произлегува дека тој дел од одредбата има само упатувачки карактер и со неа не се уредуваат односи со кои би се повредиле напред наведените уставни принципи. Според мислењето на Судот, одредбата на Правилникот во оспорениот дел е во рамките на овластувањето на Министерот за внатрешни работи да го пропише начинот на постапување на овластените службени лица во примената на со закон утврдените посебни должности и овластувања, поради што не го постави прашањето за нејзината согласност со напред наведените уставни и законски одредби.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите: д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Тодор Џунов.

У.бр.73/2000
24 мај 2000 год.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Милан Недков