Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 мај 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 10 став 4 и член 15 став 1 од Правилникот за времето и начинот на упатување на регрутите на отслужување на воениот рок, одлагањето и прекинот на служењето на воениот рок и отпуштањето на војниците од постојаниот состав на АРМ (“Службен весник на Република Македонија” бр.34/92 и 16/96).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Правилникот означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, оспорените одредби не биле во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3, членовите 51 и 96 од Уставот, членот 17 точка 33 од Законот за одбрана, членот 161 став 1 и членот 164 од Законот за органите на управата, членот 18 став 2 и членот 21 став 1 и 2 од Законот за општата управна постапка.
Имено, според подносителот на иницијативата не постоело изречно законско овластување на воениот старешина, односно на воената единица т.е. установа да донесуваат соодветни решенија за прекин на служењето на воениот рок.
3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 10 став 4 од Правилникот е утврдено дека за прекинување на служењето на воениот рок на војник според одредбите на ставот 2 од истиот член, решава воениот старешина што ќе го овласти министерот за одбрана.
Во оспорениот член 15 став 1 е предвидено дека за прекинување на служењето на воениот рок, во случаите кога во
текот на служењето на воениот рок, а врз основа на наод, мислење и оцена на надлежната военолекарска комисија биде оценето дека војникот е привремено неспособен за воена служба, решение донесува воената единица, односно установа и го запишува во неговиот единичен картон и воената книшка основот и датумот на прекинувањето и го отпушта од воената единица, односно установа.
4. Судот, исто така утврди дека во неколку случаи, веќе ја оценувал уставноста и законитоста на Правилникот, било во целина или одделни одредби. Имено, со решение У.бр.153/95, Судот не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот во целина.
Според мислењето на Судот во овој предмет, со правилникот не се утврдувале права и обврски за граѓаните и правните лица, ниту се пропишувала надлежност за органите.
Со решение У.бр.166/99, Судот не повел постапка за оценување на членовите 8 и 12 од Правилникот, оценувајќи ги како согласни со членот 9 од Уставот и членовите 161 и 164 од Законот за органите на управата.
Со решение У.бр.215/99, Судот ја отфрлил иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на членот 2 став 3 и членовите 5 до 8 од Правилникот како рес јудицата.
5. Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Оттука, имајќи предвид дека Уставниот суд по предметот У.бр.153/95 веќе ја оценувал уставноста и законитоста на Правилникот во целина, а во тие рамки и на членовите кои се оспоруваат со наведената иницијатива, и при тоа оценил дека истиот е во согласност со Уставот и законските одредби, Судот оцени дека во конкретниот случај не постојат основи за поинакво одлучување.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.12/2000
24 мај 2000 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Милан Недков