Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 23 мај 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за правата на претседател на Република Македонија по престанување на функцијата. (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/99).
2. Петре Илиевски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што смета дека за неговото донесување нема уставен основ, а овен тоа и што со утврдување на посебните права во законот се повредува начелото на еднаквост на граѓаните предвидено во член 9 од Уставот на Република Македонија.
3. На седницата Судот утврди дека со оспорениот закон, на претседател на Република Македонија по престанокот на функцијата, му се определуваат: право на претседателска пензија во висина на претседателска плата; право на канцелариски простор и стручна служба; право на лично обезбедување и протоколарен статус; право на погребни трошоци; право на материјални трошоци во висина од 8% од средствата утврдени во буџетот за претседател на Републиката, а за членовите на неговото семејство и право на семејна пензија во висина од 70% од претседателската пензија.
4. Според член 68 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони. Во главата ИИИ дел 2 на Уставот, во кој се уредуват функциите и положбата на претседател на Републиката не постојат одредби со кои изречно би се пропишало донесување на ваков закон или непосредно би се уредувале прашањата опфатени со тој закон.
Според оценка на Судот, структурата на Уставот на Република Македонија во поглед на остварување на законодавната власт покажува дека Собранието на Република Македонија има генерално уставно овластување да донесува закони заради уредување на односите во сите области на општествениот живот, од една страна, а од друга, должност да донесе определени закони, понекогаш и со квалификувано мнозинство. Според тоа, отсуството на уставно овластување за Собранието на Република Македонија да донесе закон за уредување на определени прашања не се пречка, согласно член 68 од Уставот, Собранието да донесе закон во оние области и за оние прашања за кои е оценето дека е потребно.
Оттука, оценката на Собранието на Република Македонија дека со закон треба да се уреди положбата и правата на шефот на државата по престанувањето на неговата функција, како што тоа е сторено и во повеќе Европски земји со републиканско уредување и САД, е право на Собранието засновано на уставните овластувања. Поради тоа Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот Закон со Уставот од аспект на постоењето на уставен основ за негово донесување.
5. Според член 9 од Уставот на Република Македонија граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, и се еднакви пред Уставот и законите.
Разгледувајќи ја содржината на Законот од аспект на наводите во иницијативата за повреда на принципот на еднаквост, Судот утврди дека со Законот, несомнено, на претседател на Република Македонија по престанокот на функцијата му се утврдуваат права и положба кои се различни од положбата и правата на другите граѓани, на пример, по престанокот на нивниот работен однос. Меѓутоа, за оценување на овој Закон од аспект на принципот на еднаквоста нужно е да се согледаат пред се неговата функција и цели, како и да се има предвид дека принципот на еднаквоста функционира секогаш под еднакви услови.
Според мислењето на Судот, супстратот на оспорениот Закон не е во привилегирањето на одредено лице или лица по престанување на функцијата претседател на Република македонија, туку во уредувањето на статусот и дигнитетот на самата функција претседател на Република Македонија, кои се изразуваат преку гарантирање на определена положба на личностите што ја извршувале.
Во тој контекст прашањето на еднаквоста на поранешните претседаели на Републики со другите граѓани не може да се оценува како апстрактен однос независно од посебните услови што доведуват до различен третман. Таквиот пристап би поставувал невозможни споредби кои произлегуваат од Законот, како на пример, зошто поранешниот претседател на Република Македонија да има лично обезбедување и протоколарен статус, а да немаат другите граѓани. Судот смета дека вршењето на функцијата шеф на држава, заедно со своите практични последици поврзани со државничкото искуство кое никаде не се отфрла, е основ кој во случајот на оспорениот Закон го надминува прашањето на еднаквоста помеѓу граѓаните и го поставува односот на државата кон една државничка функција. Правата што произлегуват од оспорениот Закон практично овозможуваат релативно активна положба на поранешниот претседател на Република Македонија, што не може да се оспорува како евентуална цел на Законот.
Врз основа на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот закон и со член 9 од Уставот на Република Македонија, и одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Тодор Џунов.
У.бр.6/2000
30 мај 2000 год.
Скопје
бј.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Милан Недков